Кумуцакос: Kако што преговорите се доближуваат до јадрото на проблемот, се појавуваат пречки и ќорсокак
Oдговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос вели дека како што преговорите се доближуваат до јадрото на проблемот, се појавуваат пречки и ќорсокак.
Додава дека постојат големи несогласувања и разлики, и поверојатно е да има комликации, отколку решение.
„Во овој момент се чини дека како што преговорите доаѓаат до јадрото на тешките прашања, има пречки и ќорсокак. Во овој момент, според она што го знаеме, а не сме информирани одговорно и сериозно од владата, според она што можеме да го дознаеме, имам чувство дека сме поблиску до компликација, отколку поблиску до решение“- коментира Кумуцакос во интервју за грчката телевизија „Скај“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа дали Нова демократија ќе го поддржи евентуалното решение во грчкиот Парламент, одговорниот за надворешна политика во партијата, рече дека прво треба да го видат комплетниот предлог за решение, а потоа да заземат став, земајќи ги предвид и чувствата на Грците, „затоа што и чувствата на Грците се дел од оваа равенка“
И грчката владејачка партија Независни Грци уште еднаш јавно го потврди својот став дека не прифаќа било каков термин Македонија во името на нашата земја или пак како дел од евентуалниот договор за решение на спорот за името, а дека нема отстапки од оваа позиција се изјасни и Манталена Пападопулу, портпаролката на помалата коалициска партија во грчката влада за телевизијата „Скај“.
