Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кумановски професори: Средношколците се наши деца, ова е заедничка борба!

Кумановски професори: Средношколците се наши деца, ова е заедничка борба!

Професорите стануваат се погласни во подршката за своите ученици, против како што велат лошите образовни реформи. Тие најавуваат заедничка здружена борба, рамо до рамо со средношколците, која од вчера почна на кумановските улици. Наставниот кадар бара квалитетно образование поткрепено со нови законски решенија, во чие креирање ќе бидат вклучени сите засегнати страни. Првиот заеднички протест на двата пленуми, наставничкиот и средношколскиот кој почна во Куманово, очекуваат да продолжи и во останатите градови.

Протестот според Наставничкиот пленум, е силна порака до надлежното министерство дека нешто не е во ред со она што како пакет закони беше усвоено и изгласано од страна на Парламентот, во отсуство на целосна и длабока анализа на образовните состојби, во отсуство на широка и јавна дебата, без учество на сите чинители на воспитно-образовниот процес- ученици, наставници, родители, теоретичари од високи школи, претставници од локална самуоуправа, стопански субјекти.

“Заедничкиот протест претставува глас на оние кои во училницата безуспешно се обидуваат да имплементираат законски решенија кои се неприменливи, кои го слабеат квалитетот на образовниот процес и кои даваат лоши резултати. Наставниците и учениците денес заедно излегоа да кажат дека остро се спротивставуваат на законите за основно и средно образование кои во изминатите години претрпеа бројни измени и ја изгубија суштината заради која постојат”-вели професорката Билјана Димковска од Наставничкиот пленум.

Наставниците бараат мораториум за изгласаните закони и учество во изготвување на нови закони кои ќе бидат основа за градење на квалитетен образовен систем во општеството.

“Наставниците изминатите децении бараа и очекуваа вистински реформи кои ќе значат ревидирање на наставните планови и програми, создавање на услови за реализација на воспитно образовниот процес, јакнење на стандардите во секој сегмент од воспитно образовната дејност како предуслов за успешни резултати и постигнувања на училиштата.

Наместо тоа, се случуваа чести измени на законите кои значеа незначителни корекции кои дополнително го оптоваруваа образовниот процес и водеа кон послаби резултати.Донесувањето на новите закони за основно и средно образование, значи целосно ослабување на она што се нарекува квалитетна настава, квалитетни знаења, оспособување на младите за живот и работа во новиот милениум и уништување на нивните потенцијали и креативност”-додава професорката.

Министерството за образование и наука, со новите закони, според неа целосно ја потцени работата на Бирото за развој на образованието кое со децении вели е столб на образовниот систем. Оттука изготвувањето на наставните планови и програми, изготвувањето на Национални стратегии за развој на образованието, учебникарството, обуките и професионалниот развој на наставниот кадар и уште многу други активности кои се столб на секој образовен систем, според новите закони за основно и средно образование, стануваат сосема неважни.

“Министерството со новите закони за основно и средно образование, целосно ја потцени работата на Државниот просветен инспекторат, кој особено последниве години работи по строго утврдени параметри и индикатори за квалитет на работата на наставниците и работата на училиштата. МОН денес првиот и последниот збор кога станува збор за вреднување на работата на училиштата, за постигнувањата на учениците и за вреднувањето на работата на наставниците, им го додел,и на Државниот испитен центар, кој низ квиз тест од 30 прашања „веродостојно“ ќе ја оцени и процени работата на учениците, наставниците, училиштата, па според тоа и на национално ниво ќе го прогласи образовниот систем како успешен или неуспешен”- нагласува професорката Димковска.

Средношколците од друга страна се поорганизирани во носењето на одлуките. Нема главни, ниту подредени личности во Интерните пленуми, туку само загрижени младинци кои ги бараат своите права.

DSC_0005-copy

“Сведоци сме, дека нашиот образовен систем, сериозно заостанува зад светските едукациски трендови. И во обид да се модернизира, секојдневно се соочува со големи проблеми и контрадикторности, поради недоволна анализа и прилагоденост кон досегашниот начин на работа”-вели Никола Крстевски од кумановската гимназија “Гоце Делчев”.

Според професорите, надлежните мораат сериозно да ја сватат пораката од средношколците, бидејќи во овие моменти тие ја пишуваат историјата на образованието, во која нема поразени и победници, туку разумни и конструктивни идеи кои заслужуваат да бидат чуени, образложени и прифатени. Барањата велат и на двата пленуми се слични и насочени кон подобро образование.

“Ние сме иднината. Земја во која што младите се свесни за положбата во која се наоѓаат, притоа почитувајќи ги законите и познавајќи ги своите права и гласно укажуваат на проблемите, бараат подобри услови за поквалитетна едукација.Зарем надлежните институции, ќе останат неми при многубројните писма од Народниот правобранител, да го испочитуваат основното човеково право, правото на слободно мислење искажување и здружување”- вели ученикот Никола Крстевски.

Доколку надлежните не ја реализираат најавената средба со средношколците и професорите тие следната недела размислуваат да почнат со други форми на отпор против лошите реформи.

Средношколците и наставниците очекуваат ресорното министерство да ги согледа пропустите, да ја разбере суштината на проблемите во училишната пракса и да покаже подготвеност да ги прифати учениците и наставниците како партнери во градење на нови, квалитетни закони кои ќе бидат основа за силен образовен систем.

Слично

Поврзани вести