Куба може да добие венецуелска нафта, но под еден услов
Министерството за финансии на САД објави дека ќе им дозволи на компаниите што бараат дозволи да ја препродаваат венецуелската нафта на Куба, но услов е нафтата да не е наменета за институциите и војската.
Откако Вашингтон ја презеде контролата врз извозот на нафта од Венецуела на почетокот на јануари, по апсењето на претседателот Николас Мадуро, испораките за Куба престанаа, што ја влоши нејзината енергетска криза.
Упатствата на Министерството за финансии јасно ставаат до знаење дека потенцијалните трансакции мора да бидат „поддржани од кубанскиот народ, вклучително и приватниот сектор“, што вклучува извоз за комерцијална и хуманитарна употреба во Куба, додека трансакциите што вклучуваат или им користат на кубанската војска или други владини институции нема да бидат опфатени.
Дури и со новата политика, не е јасно дали Куба може да си дозволи да купува нафта без поволни услови.
Повеќе од 25 години, Венецуела е главен снабдувач на сурова нафта и гориво за својот политички сојузник Куба преку билатерален договор.Aмериканскиот претседател Доналд Трамп, предупреди дека сојузниците на Венецуела, кои ја земаа нејзината нафта како дел од размена, отплата на долг и други договори, сега мора да плаќаат фер пазарни цени. Меѓу тие сојузници се Кина и Куба.
