Куба ќе го намали бројот на министерства - што предвидува сетот на економски мерки?
Поранешниот кубански претседател Раул Кастро во среда го одобри пакетот економски реформи што ги дискутираа врвните претставници на Комунистичката партија, единствената легална партија во Куба, во Хавана, додека островот се соочува со продлабочување на кризата под притисок од Вашингтон.
Кастро, 95, нема официјална позиција, но останува клучна фигура во структурата на моќ на Куба.
Централниот комитет на кубанската комунистичка партија анализирал околу 20 предлози за време на вонредната пленарна седница, насочени кон отворање повеќе сектори за приватни инвестиции, привлекување повеќе капитал од Кубанците што живеат во странство и намалување на државиот апарат, во услови на нафтена блокада што САД ја наметнаа на островот од јануари.
Реформите, претходно презентирани од претседателот Мигел Дијаз-Канел, би можеле да бидат одобрени од Националното собрание до крајот на неделава, помалку од една недела откако беа објавени.
„Иако тие ги препознаваат пазарните механизми како инструменти за ефикасна распределба на ресурсите, тие во никој случај не подразбираат напуштање на општествената одговорност на државата“, рече премиерот Мануел Мареро.
Сепак, останува нејасно дали овие мерки ќе бидат доволни за да го задоволат американскиот претседател Доналд Трамп, кој јасно стави до знаење дека сака промени и предложи можност за „преземање контрола“ врз островот, кој се наоѓа на околу 150 километри од Флорида.
Дијаз-Канел рече дека Кубанците, и на островот и во странство, ќе имаат исти услови како и странските инвеститори, од кои некои неодамна се повлекоа поради санкциите на САД. Тој најави планови за намалување на бројот на министерства и на јавни службеници.foto Wikipedia/RenaatPeeters
