КСС: Во пензија да се оди од три до пет години порано, отпуштените да не плаќаат сметки
Конфедерацијата на слободни синдикати предлага да се намали старосната граница за пензионирање да биде од 59 до 61 за мажи и 57 до 59 за жени. Во соопштение велат дека е добро што Владата планира да понуди опција за предвремено пензионирање. Такви најави има во владината програма за работа, а премиерот Зоран Заев рече дека ќе има можност за откуп на стаж и предвремено пензионирање до пет години од старосната граница која важи сега, но со помал износ на пензија.
КСС смета дека со намалувањето на староснаа граница ќе се намали бројот на вработените во јавниот сектор.
„Доколку работниците предвремено одат во пензија процентот ќе им биде намален поради годините од предвремено пензионирање, според процентот на годините стаж, но штом ја исполнат старосната граница пензионерите да си ја добијат пензијата во полн износ, исто како да ја исполниле старосната граница од 64 односно 62 години, стои во соопштението.
Се бара Владата да најде модел да ги обештети сите работници кои ја изгубиле својата работа по каков било основ, односно технолошки вишок, отказ на работно место, непродолжување на договор на определено време, непродолжување на договор преку агенција за вработување, принудно затворен бизнис поради уредбите од страна на Владата или пак работници од сивата економија.
Велат дека оваа категорија луѓе сега немаат пари да си ги платат сметките па бараат Владата овие работници да ги ослободи од плаќање режиски трошоци.
