Круцијална недела за Македонија!?
Се и сешто може да се очекува неделава пред нас. Премиерот Груевски е во посета на САД, на средба со американскиот потпретседател Џо Бајден, еврокомесарот Хан кон крајот на неделава пристигнува во Скопје, а денеска како претходница, во Скопје пристигнува европската парламентарна тројка Ричард Ховит, Иво Вајгел и Едвард Кукан. Кој и каков ќе биде епилогот од се она што ќе се случва во земјава ќе се знае за кратко. Ќе има ли предвремени избори? Дали е случајна посетата на Али Ахмети во Атина и колку таа коинцидира со денешната средба на Груевски во Белата куќа со Џо Бајден? Дали премиерот Никола Груевски заминува од премиерската функција до 15 јануари?
Груевски во Белата куќа
Ненадејната посета на премиерот Никола Груевски во Белата куќа и особено најавата за средба со американскиот потпретседател Џо Бајден не е случајна, и уште повеќе се работи веројатно за клучна средба од која ќе зависи понатамошната разврска на политичката криза во Македонија. Од оваа средба големи очекувања имаа сите и партиите, и колумнистите и провладините и критички настроените, од разговорот Груевски - Бајден очекувања има цела Македонија. На средба од ваков тип, повеќе од сигурно е дека ќе се разговара за клучни и големи прашања.
"Во функција на интензивирање на билатералните односи и меѓусебната соработка, претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, в понеделник ќе оствари посета на Соединетите Американски Држави", соопшти државната агенција МИА. За ова важна ненадејна посета на премиерот немаше никакво соопштение до медиумите од неговиот кабинет. "Се очекува теми на разговор со американскиот потпретседател Бајден да бидат активностите за продлабочување на меѓусебните односи и соработка, реформите во Македонија и демократските процеси, зголемувањето на економската соработка и на трговските односи, безбедносни прашања и интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ", објави државната агенција. Ова е втора средба на македонскиот премиер Груевски со американскиот потпретседател Бајден, првата нивна средба се случи во февруари 2011 година.
Што се крие зад ненадејната посета на Груевски во Белата куќа
Денко Малески, прв министер за надворешни работи во независна Македонија, денес политички аналитичар, во својата најнова колумна на Плусинфо за посетата на Груевски во САД пишува дека со оглед на кризата на демократијата во Македонија и задачите на Специјалното обвинителство, никој во Вашингтон не е заинтересиран да ги зајакнува изборните шанси на македонскиот премиер на наредните избори.
„Напротив, би биле сосема среќни тој да се повлече од политиката. Поверојатно е дека причината за итниот повик до македонскиот премиер на состанок во Белата куќа со американскиот потпретседател, ќе биде инсистирањето правдата да си го земе својот тек, да се рехабилитира демократскиот систем и да се расчисти политичката магла, пред воопшто да се одржат избори. Затоа, посетата, спротивно на дипломатската логика, е своевиден доказ дека работите не се одвиваат најдобро во земјава и дека Америка е загрижена за мирната транзиција кон демократија. Конечно, не еднаш е напишано и не еднаш се потврдило и во праксата на многу земји, дека најопасни моменти за една држава се времињата на промена на еден авторитарен систем. Во таквите времиња, може се да се очекува. Во македонскиот случај, засега, трката помеѓу „спората правда“ и „брзите избори“ се одвива во прилог на изборите во кои премиерот и владеачката политичка група гледаат свој политички, а веројатно, и личен спас“, пишува во својата колумна Денко Малески.
Дијаметрално спротивно гледиште има Ристо Никовски, поранешен амбасадор, денес отворен подржувач на владата на Николоа Грувески, тој во својата колумна за МКД.мк порачува дека сите мораме да бидеме длабоко загрижени бидејќи премиерот е повикан, пред сѐ, за да биде уценуван и суден, за да дава непринципиелни отстапки. Според Никовски, пекол го чека Груевски во Вашингтон. Тој е сигурно свесен за тоа и соодветно се подготвил, иако таму многу не играат аргументи и факти, туку ќе се соочи со гола реал политика, која нема никакви скрупули.
Храбро, премиеру, порачува Никовски! Издржи во име на народот и државата. Опција да капитулираш и да прифатиш непринципиелни решенија - немаш! Тоа ќе значи крај и за тебе лично, и за твојата партија, и за народот, и за државата. Со два збора - за сите. Залакот е преголем. Маневарскиот простор е мал ама назад - нема. Македонија мора да успее.
Заради опструкции на Пржинскиот договор Европската тројка Ховит, Вајгел и Кукан денес во Скопје, како претходница на Хан
Проблемите во имплементацијата на Пржинскиот договор денес во Скопје ќе ги донесат тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгел. Опструирањето на новоформираните институции односно Специјалното јавно обвинителство, Анкетната комисија и Државната изборна комисија, но и проблемот со медиумите се дел од нерешените точки од Пржинскиот договор, кој ја отворија сериозни дилемата дали предвремените избори ќе се одржат на 24 април годинава. Дополнително кон крајот на неделава во Скопје се очекува да допатува и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Заев не ја исклучува можноста од поместување на изборите во јуни или септември
За лидерот на СДСМ Зоран за агенцијата „МЕТА“ вели дека не ја исклучува можноста изборите да се одржат во април, јуни или септември. За Заев нивното одржување во април зависи од тоа колку цврсти гаранции ќе добие дека тие ќе бидат фер и демократски.
„За конкретни датуми ќе разговараме на средбата со Јоханес Хан во Скопје, но тоа не значи дека изборите не можат да се одржат во април или во јуни. Можеби ќе заклучиме дека идеално време за одржување на изборите ќе биде во септември. Сепак, за тоа треба да разговараме со еврокомесарот во Скопје и со другите партии потписнички на Договорот од Пржино. Ако добијам, пак, цврсти гаранции дека изборите ќе бидат фер и демократски, тие можат да се одржат и на 24 април", изјави Заев.
ВМРО ДПМНЕ: Секој обид да бидат загрозени изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор
Секој обид да биде загрозена крајната цел на Договорот од Пржино, односно изборите на 24 април е загрозување на целокупниот договор и конечен излез од политичката криза, изјавил , директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски прашан за коментар за изјавата на лидерот на СДСМ,Зоран Заев дека со еврокомесарот Јаханес Хан ќе се разговара дали изборите ќе бидат во април, јуни или дури и септември.
„Излезот од политичката криза, односно изборите кои треба да се одржат на 24 април е круната на Договорот од Пржино. Граѓаните на Македонија очекуваат Договорот да биде реализиран и земјата да продолжи да чекори по патот на реформите. Секој обид да биде загрозена крајната цел на договорот, изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор, вели Котевски. Тој вели дека суштината на Договорот од Пржино „не е некој да стане технички министер за без мандат од граѓаните“, туку да се најде излез од политичката криза.
Заминува ли Груевски на 15 јануари?
Според пржинскиот договор, до 15 јануари годинава премиерот Никола Груевски треба да замине од премиерската функција. Иако, тој досега неколку пати тврдеше дека до 15 овој месец ќе ја напушти премиерската позиција, сепак доброупатените не ја исклучуваат можноста доколку евентуално изборите се поместат од април за во јуни или септември, тогаш многу веројатно е и дека Груевски нема да замине на 15 јануари, туку на 100 дена пред предвремените избори, кога и да бидат тие закажани.
Кој ќе го наследи Груевски?
Досега многупати се шпекулираше со имињата на евентуалните населдници на Никола Груевски на премиерската функција. Фактор ви ги пренесува сите досега споменати имиња со кои шпекулираше јавноста. Зоран Јолевски, актуелниот министер за одбрана, Никола Поповски, актуелниот шеф на македонската дипломатија, Никола Тодоров, актуелен министер за здравство, со овие личности почнаа шпекулациите околу наследниците на Груевски. Како одминуваше времето, лицитирањето со нови имиња за можни наследници на Груевски растеше. Па така во јавноста се погласно се шпекулираше и со имињата на Владо Камбовски, поранешен претседател на МАНУ, Љубчо Георгиевски, поранешен премиер и како што го нарекуваат „икона“ на ВМРО ДПМНЕ, па дури и Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник на Карпош. Марта Арсовска - Томовска, актуелна министерка за информатичко општество и јавна администрација е најновото име со кое јавноста шпекулира како можна премиерка на техничката влада до предвремените парламентарни избори.
И.М.
Слично
