Економија, финансии, бизнис

Контакт

КРШЕЊЕ НА ТАБУАТА: Ќе помогне ли во битката со педофилите?

КРШЕЊЕ НА ТАБУАТА: Ќе помогне ли во битката со педофилите?
Монструозниот настан во кој ќерката на позната македонска актерка беше  жртва на полов напад на педофил сеуште е актуелна тема на социјалните мрежи.Реакциите  во јавноста се различни, од крајно сочувствителни до критички по однос на прашањето дали за овие злодела треба да се зборува јавно и какви последици ќе остават врз младата личност. Родителите треба да се охрабрат да споделат доколку нивното дете доживеало полов напад и затоа треба да постојат групи за помош и подршка - вели за Фактор,  Надица Скепароска-Петковска, м-р по Клиничка Психологија. Мотивот за медиумската битка за правда и обелоденување на случајот според неа  е кршење на табуата и повик за охрабрување на сите девојчиња кои биле предмет на полов напад да проговорат за тоа но и да се крене јавното мислење за постоење на овој проблем пред да биде доцна. “Вообичаено мојот став во однос на споделување на лични информации на социјалните мрежи е дека треба да има цензура и дека треба да бидеме внимателни што и како споделуваме и да внимаваме со кој аудиториум тоа го споделуваме. Во конкретниот случај, сметам дека мајката не случајно сподели со јавноста една толку болна тема, притоа имајќи една цел: кршење на табуата и повик за охрабрување на сите девојчиња кои биле предмет на полов напад да проговорат за тоа. Од слични причини мајката уште одамна сподели со јавноста дека тоа дете е посвоено, сакајќи да ги скрши табуата околу посвојувањето. Јавноста како и секогаш и овој пат е амбивалентна, едните осудуваат, другите сожалуваат. Да, виктимизација секогаш постои, но целта е да се спречат понатамошни полови напади врз девојчиња и да се разбуди свеста за справување со овој општествен проблем”-вели психологот Надица Скепароска-Петковска од советувалиштето “Мозаик”. Рехабилитацијата според неа е долготраен процес, особено со возрасни кои во детството доживеале полов напад од возрасно лице. Затоа вели  најдобро е  доколку се почне порано, доколку се работи од  детство до зрело доба. “Знаете, во Македонија рехабилитацијата и одењето на психотерапија е сеуште табу тема, така да голем дел од жртвите на педофилија сами поминуваат низ процесот на опоравување, а тоа секако остава последици особено на психолошки план и добро е понатаму да се работи со децата кои биле жртви на напад од страна на педофил. Детето секојдневно ќе се соочува со тоа, меѓутоа за почеток најважно е што знае дека не е виновно за тоа што се случило. Ние луѓето сме склони кон осудување, девојчето може да се соочува со осудувања од страна на возрасните и децата во училиште. И во случај девојчето никогаш да не проговореше за настанот, а на тој начин немаше да беше осудувано, последиците од тоа што се случило ќе беа секако присутни”- објаснува Скепароска-Петковска, практикант на Трансакциска Психотерапија. Запрепастувачки факт според психологот е што во голем број слуачи  дел од жртвите на педофилија го познавале напаѓачот и најчесто имале доверба во него. Во тој случај вели базата на податоци за педофили не  помага многу. “Еден превентивен начин е соодветна едукација на децата во училиштата, како да препознаат доколку некој има скриени намери и сака да им наштети. Друго, формирање на групи за психо-социјална подршка за родители и деца жртви на педофилија. Други превентивни начини може да има во насока на промени во казнениот законик во делот на  педофилија и слично”- нагласува психологот. Овој случај  кој ја поттикна јавноста посериозно да размислува и отворено да говори за проблемот  според м-р Скепароска -Петковска веќе придонесува за подигнување на јавната свест. Членовите на социјалните мрежи веќе се активираат со идеи за протестен марш, за апел за построги казни за педофилите. Следно, очекува да се организираат повеќе јавни настани каде ќе се отвора прашањето за подигнување на јавната свест за педофилијата како општествен проблем.
Слично

Поврзани вести