Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кровни панели кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација - новата инвестиција во Македонија

Кровни панели кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација - новата инвестиција во Македонија

Потпишан договорот за новата инвестиција на турската компанија „Текнопанел“ во ТИРЗ Скопје 1. Високотехнолошката компанија ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет за производство на иновативни т.н. „сендвич“ кровни панели кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација, а отпорни се и на пожар, и особено се користат за покривни површини на индустриски згради. Производството според најавите треба да започне следната година, а ќе се отворат 120 нови работни места, со просечна нето плата за вработените од околу 600 евра. Согласно инвестицискиот план, платите континуирано се очекува да растат.

На настанот се обрати премиерот Ковачевски кој истакна дека задоволството е уште поголемо што инвестиции и нови вработувања се случуваат во услови на најголемата светска енергетска криза.

- Текнопанел одбраа да ја донесат својата инвестиција тука што не е случајно. Ние како Влада обезбедуваме можности и предности за инвестирање во Македонија. Најпрво, ова е земја членка на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ, затоа и е стабилен партнер. Во ова кризно време, а со цел да се справиме посеопфатно со последиците, по моја насока ние активно делуваме по две линии. Реков дека никој нема да е оставен сам и затоа како одговорна Влада изминатиов период обезбедивме два пакети антикризни мерки за заштита на најранливите граѓани и компаниите во вредност од над 760 милиони евра. Затоа континуирано обезбедуваме 80 отсто субвенционирана струја како и евтина струја за непречено функционирање на виталните функции на државата. Со последните мерки за евтина струја за прехранбената индустрија, очекуваме и да се намалат цените на лебот, млекото, месото и останатите основни производи и да го заштитиме стандардот на граѓаните. Од друга страна пак, многу важно е да имаме јасна стратегија за економски развој и долгорочна стабилност на земјата - истакна Ковачевски. 
Тој дополни дека и во криза обезбедуваат услови за креирање нови работни места, но секако и на подобро платени работни места за да се справиме со растечките трошоци за живот. 
- Тука сме, затоа што овој план за справување со кризата се исполнува, дава резултат. Покрај поддршката за најранливите и за компаниите, во Македонија инвестираат глобални компании, и се отвораат нови и подобро платени работни места - рече Ковачевски и додаде дека во следните два месеци до крајот на годината ќе бидат презентирани уште четири инвестиции.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, рече дека од еден скромен и отворен разговор во Истанбул со сопственикот на „Текнопанел“, Орхан Кахвеџи денес стигнавме до реална инвестиција од 20 милиони евра и 120 нови работни места со плати над државниот просек.

- Ова е последна од инвестициите кои ги презентиравме периодов и кои веќе надминуваат 620 милиони евра. Истите предвидуваат отворање на 5.000 добро платени работни места за наши сограѓани. Тоа е резултатот од новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции - рече Деспотовски.


Орхан Кахвеџи, сопственик на компанијата „Текнопанел“ рече дека оваа нова инвестиција е петти производствен капацитет, а воедно и првата фабрика за производство надвор од Турција.
- Новата инвестиција ќе даде додадена вредност на економијата во Македонија. Како прво, ова е центарот на Европа, од каде ќе се извезува производството. Со помош на соработка со компаниите од регионот, квалификувани луѓе, верувам дека ова ќе биде уште една наша успешна приказна. Поддршката и стимулациите на Владата, за нас се исто така многу вредни - рече Кахвеџи.


На настанот свое обраќање имаше и Хасан Мехмет Секизкок, амбасадор на Република Турција во Скопје кој ја истакна важноста на билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен фокус на подобрување на економските релации и инвестиции.

Во првите десет месеци од годинава во компаниите во ТИРЗ се отворени над 2.000 нови работни места, а бројот на вработени за првпат се искачи над 16.000. Ова е зголемување за 16 отсто за една година. Само во октомври се отворени речиси 500 нови работни места. Во моментов ТИРЗ има помеѓу 30-35 активни клиенти. Во фаза на изградба се пет фабрики коишто имаат потпишано договор. Со новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции само во изминатите 18 месеци се постигнати договори од 620 милиони евра што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години.

Слично

Поврзани вести