КРИЗА? За три месеци продадени станови вредни 97 милиони евра
Во периодот април - јуни 2018 година, на целата територија
на Република Македонија се продадени 756 новоизградени станови што е за 30
станови повеќе од првиот квартал во 2018 година. Согласно со статистиката на
Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со јуни, на целата територија на
земјава има 5.290 станови кои
се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности.
За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените
станови за 266 стана.
- Исто така, издадени се 10.549 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови- велат во Агенцијата за катастар.
Цената на станбениот квадрат во земјава е прилично шаренолика. Очекувано, највисока е во скопските општини, а најниска е во Струга и во Кочани. Според Регистарот на цени и зкаупнини на Агенцијата за катастар, највисока просечна цена на квадратниот метар е забележана во општина Центар од 58.345 денари. Следат Карпош (56.995 денари за квадрат), Аеродром (53.197 денари), Кисела Вода (52.736 денари) и Ѓорче Петров (43.449 денари). Станбениот квадрат во Охрид, во просек, изнесува 38.338 денаи, а во Битола 30.313 денари. Најетино стан може да се купи во Струга каде квадратот чини 23.963 денари и во Кочани каде квадратен метар станбена површина се продава за 21.654 денари.
Во второто тримесечје од годинава, се продадени недвижности со површина 6.813.590 метри квадратни и вкупна достигната цена од 10.998.776.264 денари (179 милиони евра). Во оваа сума, најголем удел отпаѓа на продажбата на станови, односно за овие три месеци се купени 146.419 квадратни метри станбена површина за кои се платени 97 милиони евра.
Најголем број продадени станови има во општина Карпош, односно во овој период се продадени 371 станови, додека пак најголем број продадени куќи има на територијата на општина Прилеп, односно во овој период се продадени 26 куќи. Што се однесува до продажбата на деловниот простор, најмногу продажби се забележани на територијата на општина Центар каде што се продадени 32 деловни простори. Најмногу недвижности од типот на земјоделското земјиште се продадени во општина Тетово со 80 продажби, додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Струга со 55 продажби. Во овој квартал се регистрирани и продажби на 10 индустриски објекти и тоа во поголем број на општини.
(М.Б.)
