Криза со керозинот: Кои авио-компании откажуваат летови и има ли добри вести на повидок?
Авио-компаниите ширум Европа се соочуваат со сериозен удар поради наглиот раст на цените на авионското гориво, што ги принудува да намалат дел од летовите и да ги зголемат трошоците за патниците во пресрет на летната туристичка сезона.
Според податоците на Меѓународното здружение за воздушен транспорт (IATA), цените на керозинот во Европа се зголемиле за дури 105,7 проценти во однос на минатата година, главно поради геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Поради ова, повеќе авиопревозници веќе преземаат мерки. Холандската нискобуџетна компанија Transavia, дел од групацијата Air France-KLM, откажува дел од летовите во периодот мај–јуни. На патниците им се нудат ваучери, поврат на средства или пренасочување на друг лет.
И компанијата KLM најави откажување на 160 летови од и кон аеродромот Шипхол во мај, поради високите трошоци за гориво.
Турската авиокомпанија Turkish Airlines, пак, планира да укине 18 линии и да го намали бројот на летови на повеќе дестинации во Европа, Африка и Азија. Меѓу погодените линии се Истанбул–Хургада, како и летови кон повеќе градови како Лајпциг, Луанда и Монровија. Намалување на фреквенцијата се најавува и за Сараево и Загреб.
Дополнително, компанијата SunExpress воведува доплата за гориво од 10 евра по патник за сите летови меѓу Турција и Европа, додека Lufthansa веќе приземји околу 20.000 летови во обид да ги намали трошоците.
Сепак, има и малку позитивни вести. Туристичката компанија TUI соопшти дека нема да ги зголемува цените за патниците кои веќе резервирале аранжмани, што значи дека тие нема да плаќаат дополнителни доплати за гориво.
И покрај ова, кризата со керозинот создава неизвесност за летните патувања, а експертите предупредуваат дека високите цени на горивото ќе продолжат да влијаат врз целиот авио-сектор и во наредниот период.
Еуправо зато