Кривични пријави за кражби во фабриките „Дрекселмаер“ и ФЗЦ „11-ти Октомври“
МВР во денешниот полициски билтен информира дека директор во ФЗЦ „11-ти Октомври“ не евидентирал влез и излез во книговодството и така на друго лице му овозможил да краде електро делови, додека во „Дракселмаер“ жена ограбила две работнички без да се спомене дали таа била вработена таму, иако е наведено дека го злоупотребила компјутерскиот систем.
МВР поднело кривични пријави за случаи во 2015, односно тогаш имале завршница.
„НК за КР Кавадарци поднесе кривична пријава против В.А.(46) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Пријавената, на 13.06.2015 година, во времето од 14.00 до 22.00 часот, со употреба на метален предмет извршила тешка кражба во шкаф од соблекувална во фабриката „Дрекселмаер“-Кавадарци кој го користеле две вработени, при што одзела ташни во кои имало 1.600 денари, кредитни картички заедно со пиновите и мобилен телефон. На 14.06.2015 година, В.А. со кредитните картички од банкомати на „Тутунска Банка“ и „Комерцијална Банка“ извадила вкупно 103.000 денари.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.С.(63) од с.Копинце, директор во ФЗЦ „11-ти Октомври“ поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“ и против непознат сторител, вработен во ФЗЦ „11-ти Октомври“ поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „кражба“. М.С. во периодот од 2009 до август 2015 година не организирал вршење на попис на задолжени и доверени алати и машинска опрема. На тој начин овозможил секој влез на донесени електро делови и излез на истите да се врши без налог, со што овозможил непознатото лице во повеќе наврати да врши кражби на електро делови кои не се книговодствено евидентирани на штета на ФЗЦ „11-ти Октомври“, се вели во билтенот на МВР.
