Критики за македонската администрација, оценета како неефикасна
Македонската администрација не е многу ефикасна, изјави Ханс Густаф Весберг, член на Европскиот суд за ревизија.
Тој вели дека градењето на капацитетите е многу значајно кога една земја се подготвува за влез во Европската Унија.
„Треба да се има предвид дека станува збор за процес кој има свои предизвици, особено кога зборуваме за земја со слаба јавна администрација. Откривме дека проектите на ЕУ се спроведуваат добро, но имаме прашања за одржливоста, како и за ефектите што ќе ги имаат на крај“– вели Весберг.
Додава дека во последните пет години, ЕУ потроши повеќе од 600 милиони евра на јавната администрација и на животната средината.
Весберг кажа дека Европската комисијата треба да се обиде подобро да се концентрира на јасните и очигледни слабости и при имплементација да го користи политичкиот дијалог.
Тој смета дека ова е можност земјата да добие подобра администрација. Порачува дека властите мораат да сфатат дека справувањето со корупцијата е од витално значење.
