Крешник Бектеши: Владата прогласи енергетска криза, четири милијарди денари за енергетските компании
Министрерот за економија, Крешник Бектеши, објави дека Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување на вонредна енергетска криза во земјата. Министерот рече дека тоа ќе значи подобрување на ликвидноста на енергетските компании со буџетски средства, но не и рестрикции на потрошувачката на електричната енергија.
„МЕСПО изготви извештај за проценката, а според него постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот. Тоа се темели на капацитетите на домашното производството и зголемените цени на странските берзи.
Единствена мерка е вбризгување на средства во енергетските компании за надминување на енергетската криза. За остварување на таа цел вклучени се раководствата на сите компании од енергетскиот сектор и сите владини институции
Донесуваме кризна состојба се со цел да се зголеми ликвидноста на компаниите, а никако да се донесат рестриктивни мерки што би влијаело на нашите секојдневни животи“, рече Бектеши.
Тој рече дека 4 милијарди денари ќе бидат распоредени за АД МЕПСО и АД ЕСМ. Согласно информациите, ТЕЦ Осломеј треба да се стави во функција на 1 декември и таму се врши ремонт во моментов.
- До 21 ноември сме обезбедени со снабдувањето на електричната енергија за земјата, а има и среднорочни мерки за тоа како ќе се даваат субвенции за енергетска сиромаштија кога ќе треба да поскапи струјата за домаќинствата, додаде Бектеши.
Министерот додаде дека Владата до Управниот одбор на АД ЕСМ е поднесено барање да се направи извештај за тоа како работело раководството во делот со справувањето со кризата со домашното производство и дали има одговорност.
- Мое лично мислење е дека треба да има одговорност, но првично треба да се справуваме со енергетската криза, одговори тој на новинарско прашање.
