Крепе:Децата бегалци во Грција не би требало да се апсат
Специјалниот известувач на Обединети нации за човековите права на мигрантите, Францис Крепе денеска повика Грција да престане да ги апси децата бегалци и да развие служба за нивна заштита.
Тој се сретнал со деца без придружба држени во полициски станици повеќе од две недели без пристап до надворешниот свет. Тврди дека тие биле трауматизирани и вознемирени од таквото искуство. Крепе вели и дека другите деца заедно со своите семејства се држени во пренатрупани притворски центри.
„Децата не би требало да се затвораат и точка. Притворот мора да се изрече само кога луѓето претставуваат ризик, закана за јавноста и тоа мора да биде документирана закана, тоа едноставно не може да биде претпоставка“ - кажа Крепе.
Бара грчките власти да развијат ефикасен систем за заштита на малолетните лица без придружба и да ги зголемат сместувачките капацитети за нив.
