Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кредитирање на странскиот увозник

Кредитирање на странскиот увозник
Странските увозници многу често бараат од извозниците подолг рок за плаќање на нивната обврска. Иако е точно дека полибералните услови на финансирање значат зголемување на конкурентноста на светскиот пазар, сепак извозниците мораат да бидат многу внимателни кога одобруваат кредит на своите купувачи од странство, затоа што лесно можат да се соочат со неуспех во реализацијата на својот деловен потфат, а тоа би довело до неповолни финансиски резултати. Како корисно средство за определување на соодветниот рок на кредитирање можат да послужат стандардните комерцијални услови под кои се продаваат производите наменети за извоз во индустриската гранка во која делува извозникот. Странските купувачи обично настојуваат да добијат поповолни услови од стандардните кои важат на пазарот. Кај стоките за широка потрошувачка, хемиските производи, суровините, земјоделските производи и резервните делови, стандардните комерцијални услови на отплата предвидуваат рок на отплата од 30 до 180 дена. Од друга страна, објектите од капитална вредност бараат подолг рок на отплата. Откако извозникот еднаш ќе ги одреди условите за продажба на еден увозник во странство, истите услови би требало да бидат актуелни и при нивните идни деловни контакти. Затоа, извозникот мора да биде многу внимателен под кои услови го извршува извозот на купувач кој кај него се јавува за прв пат. Познато е дека пред да се одобри кредитот треба да се процени кредитната способност на купувачот, ризиците и сл. Она што важи за домашните купувачи, со мали измени важи и за странските купувачи. Кога зборуваме за рокот под кој се одобрува кредитот, посебно внимание треба да му се посвети на фактот дека периодот на кредитирање влијае на трошоците поврзани со употребата на работниот капитал или пак, трошоците поврзани со каматите и провизиите. Ако овие трошоци не паднат на товар на купувачот, извозникот ќе ги вкалкулира во продажната цена. Од тие причини извозникот мора да најде еден баланс помеѓу конкурентноста од една страна и трошоците и сигурноста од друга страна. За извозникот е многу значајно да дојде до ликвидни средства релативно брзо по извршениот извоз. Еден начин е да се продаде извозното побарување со дисконт на некоја банка и на тој начин да се дојде до пари. Друг начин е да се зголеми работниот капитал. Трет начин кој особено наоѓа примена кога се продаваат стоки со поголема капитална вредност е вклучување на трета страна која ќе го изврши кредитирањето. На пример, во процесот може да се вклучи банка која ќе склучи договор за кредитрање на тој начин што средствата ќе му бидат исплатени на извозникот, а обврската за враќање на кредитот заедно со каматата паѓа на странскиот увозник. Овие начини на кредитирање на странскиот увозник вклучуваат отплата на камата, провизија и други трошоци од страна на извозникот. Некои опции се поисплатливи кога се работи за кредити во големи износи. Извозниците треба да ја испитаат и својата финасиска моќ и степенот на загрозеност во случај на кикс на увозникот. Претходново укажува дека финансирањето на странскиот увозник содржи елементи за кои често извозникот ниту има финансиска моќ, ниту пак технички и кадровски потенцијал. Тоа посебно важи за „помалите“ извозници чиј капацитет не дозволува директно кредитирање на странскиот увозник. Меѓутоа, конкуренцијата на светскиот пазар е исклучително силна, па увозниците се во можност да разгледаат повеќе алтернативи и да се одлучат за најповолната. Во такви услови на стопанисување, деловниот субјект (извозникот) нема друг избор, освен да побара помош на овој план од одредена банка. Од аспект на рокот, кредитите одобрени на странскиот увозник се делат на краткорочни и долгорочни. Краткорочните кредити коишто ги нудат банките се наменети за компании коишто увезуваат резервни делови, суровини, стоки за широка потрошувачка и сл. Рокот кај овие кредити најчесто е од 30 до 180 дена. Покрај за набавка на стоки од странство, овие кредити можат да се користат и за креирање канали на дистрибуција и сл. Долгорочните кредити се наменети за компании кои увезуваат опрема со поголема вредност и имаат потреба од финансирање на увозот за период до пет години. Опремата која не предизвикува нарушувања на животната средина може да се увезува на кредит чиј рок не надминува седум години. Во случајов зборуваме за проекти коишто бараат одредено учество и од самиот увозник. Најчесто тоа учество изнесува околу 15% од вредноста на проектот. Такви проекти се среќаваат во областа на тешката индустрија, инсталациите, бродоградбата итн. Отплатите на долгорочните кредити се вршат на квартална или полугодишна основа. За извозникот и неговата банка е битно да понудат кредит под поповолни услови од условите на кредитирање што може да ги најде увозникот во својата земја. д-р Гоце Трајковски    
Слично

Поврзани вести