Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кредити за зголемување на енергетската ефикасност

Кредити за зголемување на енергетската ефикасност
Преку две кредитни линии на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе се финансираат компаниите кои сакаат да ја зголемат енергетската ефикасност и конкуретноста. Средствата во износ од вкупно шест милиони евра, обезбедени преку програмите за финансирање на одржлива енергија и за поддршка на приватниот сектор во Западен Балкан, ќе бидат пласирани преку НЛБ Тутунска банка. „Имајќи предвид дека и двете кредитни линии нудат покрај поволните каматни услови, исплата на неповратни грантови во форма на стимулации во корист на крајните корисници и бесплатна техничка помош, очекуваме дека ќе има зголемен интерес меѓу компаниите и успешна крајна реализација на проектите“, вели претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски. Максималната сума на кредитот за енергетска ефикасност што еден корисник може да ја користи е два милиони евра, додека за проектите за зголемување на конкуретноста изнесува еден милион евра. Кредитите можат да се користат во рок од пет години со грејс период од максимум две години,а предвидени се и стимулации за крајните корисници од 10 до 20 проценти доколку компанијата успешно го имплементира проектот. Според Јанчевски, банките се подготвени да го намалат вложувањето во државни хартии од вредност и капиталот да го насочат кон приватниот сектор, но за тоа се потребни квалитетни проекти и обврска од приватниот сектор за навремено враќање на кредитите. „Не е точно дека банките не сакаат да кредитираат. Тие цело време кредитираат, а тоа може да се види и од зголемувањето на кредитното портфолио на банкарскиот сектор во земјава од 6 отсто. Банките секако би кредитирале кога би имало добри проекти и би биле сигурни дека компаниите се подготвени навреме да ги исплаќаат“, додава Јанчевски. Потешкотиите со кои се соочуваат македонските компании за да обезбедат кредити за своите бизнис планови е една од главните причини заради кои ЕБОР се одлучи да ги воспостави овие две кредитни линии, појасни претставничката на ЕБРО во Македонија Анка-Јоана Јонеску, која ги повика стопанствениците да ги искористат овие кредити.
Слично

Поврзани вести