Економија, финансии, бизнис

Контакт

КРЕДИТИ: Пораст на кредитната задолженост за 200 милиони евра!

КРЕДИТИ: Пораст на кредитната задолженост за 200 милиони евра!
За еден месец, или во ноември во однос на декември кредитирањето на ниво на банкарскиот сектор се зголемило за 28 милиони евра. Според податоците од Народната Банка, заклучно со единаесеттиот месец, вкупната кредитна изложеност изнесува 4,40 милијарди евра. Пораст на кредитирањето има и кај населението и кај компаниите. Така, граѓаните по основ на сите видови на кредити во банките должат скоро 2 милијарди евра додека фирмите должат 2,4 милијарди евра. Гувернерот Димитар Богов најави дека по Нова година стапуваат на сила нови мерки кои треба да ја зголемат внимателноста при одборување на дел од кредитите за граѓаните. Како целна група се потрошувачките кредити, минусите на тековните сметки и кредитните картички. “Мерките се воведуваат за да се ограничат потенцијалните ризици од забрзаниот раст на долгорочните потрошувачки кредити, односно за да се влијае превентивно на сигналите за можните идни растечки ризици од овие кредити, и тоа не само за квалитетот на кредитното портфолио на банките, туку и за нивото на задолженост на населението, бидејќи расте задолженоста на постојните, а не на нови кредитокорисници на банките. Со мерката се зголемува капиталното барање за банките за долгорочните потрошувачки кредити со рок еднаков или подолг од осум години. За да не се предизвикаат поголеми потреси на пазарот на потрошувачкото кредитирање, а сепак стапките на раст да се сведат на умерено ниво, оваа мерка е насочена само кон новоодобрените долгорочни потрошувачки кредити“, велат од Народната Банка. Од таму објаснуваат дека во последните две години, се забележува доста брз раст на потрошувачките кредити, пред сѐ потрошувачките кредити со рочност над десет години, чијашто годишна стапка на раст во септември 2015 година достигна дури 47,5%.   “Во практиката, речиси секогаш, по брзиот раст на кредитирањето, вообичаено проследен и со олеснување на условите за кредитирање, следи период на отежната наплата на побарувањата. Засега, портфолиото на потрошувачките кредити на македонските банки не покажува остварување на ризиците од брзиот раст и олеснетите услови за кредитирање. Растот на нефункционалните потрошувачки кредити е умерен, но забрзува во последните месеци. Сепак, под влијание на забрзаниот кредитен раст, учеството на нефункционалните потрошувачки кредити во вкупните потрошувачки кредити е на релативно ниско ниво 5,2%“, оценуваат од НБМ. Банкарите веќе оценија дека ваквата мерка нема да предизвика сериозни поместувања, но сепак на некој начин ќе влијае врз кредитната активност. Дел од менаџерите на банките не само што ја исклучијa можноста од поскапување на кредитите, туку  дури најавија можно намалување на каматите. Но сепак, економистите коменитираа дека не е исклучено потегот на НБМ сепак да води кон поскапување на потрошувачките кредити. “За банката станува поскапо одобрувањето на овој вид потрошувачки кредити , односно дел од износот што тие треба да го одобрат треба да го ставаат настрана во некаква форма на капитал. Токму поради тоа веројатно банките ќе бидат обесхрабрени да одобруваат вакви кредити   и веројатно тоа ќе се одрази на цената на тие кредити односно треба да видиме некое зголемување на каматната стапка“ вели универзитетскиот професор Марјан Петрески. Во ноември во однос на состојбата со јануари, салдото на вкупните кредити е зголемено за 200 милиони евра.
Слично

Поврзани вести