КРЕДИТИ: Каматите се намалуваат, провизиите се зголемуваат!
Дел од македонските банки објавија намалување на каматите за некои од кредитните производи. Се намалуваат и каматите за штедењето, но се зголемуваат дел од провизиите. Во најновата Анкeта на НБРМ, банкарите изјавија дека во последниот економски квартал од годинава очекуваат зголемена побарувачка за кредити, но не и значајна промена на условите за кредитирање.
Нефункционални кредити од 480 милиони еврa
Проблематичните банкарски кредити растат. Најновите податоци на Народната Банка покажуваат дека нивото на нефункционални кредити во сепетември, осносно на крајот од третиот квартал достигна 480 милиони евра, што претставува едно од највисоките нивоа во ова година.
Анализата на бројките упатува на тоа дека пораст на проблематичната наплата има и кај денарските и кај девизните кредити. Така, во септември, нивото на нефункционалните денарски кредити изнесувало 374 милиони евра додека на нефункционалните девизни кредити 106 милиони евра.
Во однос на јануари, салдото на нефункционални кредити е зголемено за повеќе од 50 милиони евра. Дека има влошување на кредитното портфолио, констатираше и Народната Банка во новиот извештај.
“На крајот на јуни 2014 година, стапката на нефункционални кредити достигна 11,8%. Во вториот квартал од годинава повторно дојде до поизразено влошување на квалитетот на кредитното портфолио на претпријатијата, наспроти умерената кредитна поддршка за овој сектор.Од друга страна, стапката на нефункционалните кредити на домаќинствата продолжи да се намалува, што се должи на растот на вкупните кредити, при мало зголемување на нефункционалните кредити. Стапката на нефункционалните кредити продолжи да се движи по нагорна линија и по јуни годинава, па така во август достигна 12,2%“, посочуваат од Народната Банка.
Во новата Анкета на НБРМ банкарите изјавија дека во последниот економски кавартал од годинава очекуваат зголемена побарувачка за кредити, но голем оптимизам за промена на кредитните услови нема поради сеуште присутните ризици. Според истражувањето, во третиот квартал дури 92,4% од банкарите изјавиле дека условите за кредитирање на фирмите останале непроменети.
“Во однос на одделни типови кредити, поголемо олеснување е забележано кај кредитите одобрени на големите претпријатија (од страна на 14% од банките)“ - се вели во анкетата на НБРМ.
Она што е драстично променето во однос на претходната анкета се оценките на банкарите во однос на олеснување на каматната политика. Така, само 25% од банките изјавиле дека немале промена во олеснување на каматните услови, додека во претходната анкета ваква оценка дале 63% од банкарите.
Во периодот што следува, односно до крајот на годинава, 21% од банкарите изјавиле дека очекуваат олеснување на кредитните услови, а околу 50% и зголемена побарувачка на кредити.
Каматите се намалуваат, провизиите растат
Дел од банките на истекот од оваа година решија да ги намалат каматите за некои од кредитните производи, но и каматите за штедењето.
“НЛБ Тутунска банка воведе нов станбен кредит со поповолни услови и каматна стапка од само 5% фиксна за првите пет години на користење на кредитот. Исто така продолжена е важноста на промотивниот Виолетов потрошувачки кредит со каматна стапка од само 6,2% фиксна за првата година на користење. Согласно промените во монетарната политика, Банката ги намали и каматните стапки на депозитните продукти за физички лица и тоа од 0,03% до 0,5% за денарските депозити и од 0,03% до 0,2% за депозитите во евра. Новите каматни стапки на депозитните продукти се однесуваат на сите постојни и новосклучени договори за депозити“, информираат од банката од каде посочуваат дека ги зголемуваат и провизиите за водење на трансакциска сметка.
“Банката изврши промена и на провизиите за водење на трансакциска сметка и подигање на готовина од банкомати. Зголемена е провизијата за водење на трансакциски сметки на физички лица и тоа за редовни трансакциски сметки од 20 на 30 денари и за пензионери од 10 на 15 денари“, велат од НЛБ Тутунска банка.
Според истражувањето на Народната Банка, и натаму клучни услови кои влијаат врз олеснување на кредитните услови се ликвидноста на банките, конкуренцијата, хипотекраните ризици.
“Околу 12% од банките ги посочуваат очекувањата за вкупната економска активност, за перспективата на гранката на којашто ѝ припаѓа претпријатието, како и за ризикот од неизвршување на обезбедувањето како фактори коишто делумно придонесуваат кон заострување на условите за кредитирање, во споредба со околу 50% од банките што пријавиле исто влијание на овие фактори во првиот квартал“, се оценува во анкетата и се дополнува:
“Кај факторите поврзани со трошоците на финансиските средства и притисокот од конкуренцијата не се забележани поголеми промени, при што банките и натаму ги посочуваат ликвидносната состојба на банката и конкуренцијата од другите банки како фактори со поголем придонес кон олеснување на условите за одобрување корпоративни кредити (39% и 19% од банките, соодветно).“
Кај кредитите за население, дури 93,1% од банакрите изјавиле дека бројот на месеци на постојано вработување на барателот е еден од нјважните фактори при одобрувањето на кредит.
Во септември, граѓаните и фирмите на банките должеле нешто повеќе од 4 милијарди евра, од кои 3,1 милијарда евра се денарски, а 900 милиони евра се долгови во девизи.
Слично
