Крај за доминацијата на зло, омраза и селективна неправда….
Нема ништо лошо во тоа да живееме во општество каде луѓето размислуваат различно. Но, проблемот во Македонија е што на една страна имаме граѓани кои сакаат, функционален систем, образование, независност а од друга страна имаме привилегирана елита, нефункционален систем, неправда, криминал! Кога втората група би го надминала стравот и ги отфрли незаслужено добиените привилегии, тогаш тие од „горе“ ќе бидат само обични службеници кои се тука да работат за граѓаните, вели во интервју за „Фактор“ Мерсиха Смаиловиќ, познат НВО активист.
Како дел од Невладина организација, се залага за афирмација на жената муслиманка во сите сегменти на општествениот живот во Македонија, а како правник во истата, се бори за добивања на некои права кои се ограничени или забранети за нив.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Големиот македонски писател Коле Чашуле на крајот од 20 век во своето дело „Болно племе “ има напишано „Македонското општество денес е дефектно, недодефинирано, недоконституирано. Тој во оваа книга ги опсервира македонските состојби, за низ еден поинаков, но се' уште актуелен контекст, низ трите истории - „паметената, дозволената и селектираната“. Што Вие би напишале сега кога состојбите во Македонија се полоши?
Мерсиха Смаиловиќ: Потребни се најдобрите социолози и писатели, за со еден збор или неколку ја опишат денешната Македонија. Јас би кажала: зло, омраза и селективна неправда!
Сакам да бидам оптимист, и по големиот протест што се случи во недела, верувам дека работите бргу се ќе менуваат кон подобро.
Фактор: Дали живееме во две Македонии, во едната каде има студенти, средошколци, академици, невладини организации, личности со поинакви сфаќања. А во другата имаме луѓе кои се подготвени да „проголтаат“ се што ќе им биде кажано од „горе“ дури и по цена тоа да е во спротивност на нивните принципи ?
Мерсиха Смаиловиќ: Нема ништо лошо во тоа да живееме во општество каде луѓето размислуваат различно. Но, проблемот во Македонија е што на една страна имаме граѓани кои сакаат, функционален систем, образование, независност а од друга страна имаме привилегирана елита, нефункционален систем, неправда, криминал!
Кога втората група би го надминала стравот и ги отфрли незаслужено добиените привилегии, тогаш тие од „горе“ ќе бидат само обични службеници кои се тука да работат за граѓаните.
Фактор: Неодамна на својот фејсбук профил напишавате „Пред две и пол години, опуштено си шетав со едногодишната ќерка на Кејот на Вардар, седнавме на клупите покрај кафулињата. Одеднаш пред нас се појави река на гневни луѓе. Со чудни фаци!!! Со таква омраза ме гледаа... Бргу заминавме на "нашата страна од Вардар." Од каде извор гневот, омразата и недовербата која владее меѓу луѓето?
Мерсиха: Кај овој мој статус на ФБ е многу битен датумот на објава, 18.05.2015, и коинцидира со големиот митинг пред Собранието. Непријатноста на Кејот ја доживеав во април 2013, кога на слобода беше пуштен Јохан Торчуловски а владечката партија во власта, организираше спектакуларен дочек. Тој ден во нашето Скопје, се слеаа сите негови подржувачи и симптазери од цела Македонија. Скопје ечеше „За шиптари гасна комора“ и од други фашистички пароли. Но, кога толпата која скандираше ме здогледа како мирно седам на Кејот, ги вулганизираа своите пароли и гадости и почнаа уште погласно да скандираат! Неколкумина од нив тргнаа кон мене и мојата ќеркичка, но, двајца полицајци бргу застанаа пред мене и ме допратија до Мостот Слобода, кај Холидеј Ин. Истото скандирање, повторно го затру Скопје, на 18.05.2015 г.
Фактор: Македонската стварност во последно време е доста инспиративна. Бомбите се преточија во универзален дискурс, станаа социолошки и антрополошки интересни . Колку разголувањето на политичкото водство ја направи Македонија поинаква земја отколку што беше пред шест месеци?
Досега слушнавме 33 бомби, наводни разговори полни со омраза, корупција, нефункционирање на принципот на независност помеѓу извршната, законодавната и судската власт. Се што учев на Правниот Факултет, стана нефункционално за мене денес а трае веќе 9 години. Несомнено дека власта има голем избирачки електорат, но има и голем број на неопределени, кои во овие шест месеци се соединија со определените, во еден заеднички глас и движење, кои повикуваат на оставка и одговорност. Македонија денес знае што сака!
Фактор: Како жена од муслиманска вероисповед, како допреа до Вашите уши оние формулации кои можеа да се слушнат во прислушкуваните разговори „шиптари “, „Индијанци “, „диво племе“, „цигани“.. ?
За овие формулации да ги доживеете како навреда, понижување, омаловажување, не е потребен никаков верски идентитет. Доволно е да бидете човек и да го осудите и да се згрозите од овој речник, и да побарате одговорност, од тие кои шират ваков говор на омраза, користат вакви „термини“ во меѓусебните разговори и своите сограѓани на ваков начин ги доживуваат и именуваат.
Но, истиот говор не го слушаме само во разговорите, го слушаме и во многу провладини медиуми. Уредниците на програмите ги користат истите термини! Повикуваат на линч, омраза и војна со своите неистомисленици и други националности, а институциите надлежни за спречување на ваков говор, молчат.
Фактор: Сѐ повеќе жени муслиманки во Македонија се покриваат со бурки или традиционални исламски прекривки. Се работи за традиција, мода или радикално верско изразување?
Бурката е традиционално покривање на телото на жените во Авганистан. Во Македонија, облекувањето на жената муслиманка може да биде марама или хиџаб и целосно покривање на телото – никаб.
Се работи за индивидуално право и слободна волја на секоја муслиманка да се облекува согласно своите верски убедувања. Марамата или хиџабот не е новина за овие Балкански простори. Тоа е вековна традиција на муслиманките која и ден денес опстојува.
Марамата е симбол на покорноста единствено на Бога и пораката која со себе ја носи Исламот – ширењето на мирот како универзална порака.
Фактор: Преку невладината „ЕДУ НИСА“ Вие ги браните правата на муслиманската жена во македонското општество. Колку се реални стравувањата од т.н. исламски фундаментализам и дали постои реална закана врз безбедност на земјата особено по последните два вооружени инциденти?
Како дел од Невладината организација, се залагам за афирмацијата на жената муслиманка во сите сегменти на општествениот живот во Македонија, а како правник во истата, се борам и за добивања на некои права кои се ограничени или забранети за нив.
Во врска со вториот дел од прашањето, се сетив на апсурдот кој владее во светот: Не е секој терорист муслиман, ама секој муслиман е терорист. Од тука и поврзувањето на секој вооружен инцидент, со исламот ја оправдува горе наведената предрасуда..
Стравувањата од радикалното поимање на исламот, Македонија воопшто нема. Повеќе од 14 години, во медиумите се шпекулира за ваква опасност, но Македонија никогаш не се соочила со никава опасност за кривичен акт инспириран од погрешното разбирање на Исламот, не верувам дека сега би се случило.
Фактор: Зошто е толку голем бројот на мигранти во Македонија, зошто токму нашата земја е транзит зона, каков е односот на надлежните институции за овој проблем ?
Најголемата бегалска криза со која се соочува светот денес, несомнено дека ја зафати и Македонија. Повеќе од 5 милиони Сиријци се надворешено раселени, бегајќи од војната која ја зафатила нивната земја. Ги имаме тука воено разурените земји, како Авганистан и Ирак. Сиромашните и несигурните земји од Африка. Сите тие луѓе од таму се бегалци кои стравуваат за својот живот и животот на своите најблиски и спасот од војната го гледаат во социјално развиените земји во Европа.
Поради тоа истите се принудени да се осмелат кон многу ризичното патување, и тоа или преку Медетеранот на несигурни бродови или пеш до Европа.
Македонија е транзит зона кон нивната последна станица, земјите од Западна Европа. Но, Македонија е една од најризичните точки на тој пат. Поради Законите, бегалците се сметаат за илегални мигранти кои нелегално влегуваат во Македонија, каде полицијата ги апси и повторно ги враќа во Грција, од каде што се претпоставува дека влегле. Криумчарите го користат ова и им нудат превоз до границата со Србија, но доколку македонската полиција ги уапси, тогаш мигрантите поминуваат и до 6 месеци во Прифатниот Центар за странци во Гази Баба, каде се лишени од слобода, сѐ додека трае судскиот процес против криумчарот, а тие се држат во притворот единствено како сведоци.
Поради тоа тие се одлучуваат да одат пеш низ несигурни и темни патишта, каде ги пресретнуваат криминални банди и ги ограбуваат, или ја користат пругата како патоказ. Пругата на која до сега се случиле околу 14 железнички несреќи во кои страдале околу 30 мигранти.
Ова се сериозни проблеми и поради тоа потребни се сериозни измени на законот за Азил со што мигрантите би имале право на „Привремен Азил“ при што ќе имаат 72 часовна можност своето барање да го реализираат во барање за Азил, или да ја напуштат Македонија. Најбитното во ова, е што со потврдата за привремен Азил, која ќе ја добијат на влезот во Македонија, ќе можат да го користат јавниот превоз, мотелите, приватните болници и сите други човечки права. Ова е искуството на Србија, која не се соочува со проблемите кои ги имаме ние: жртви на пругите, пренатрупаноста во Прифатниот центар во Гази Баба и нехуманите услови за живеење, долгите процедури за добивање Азил.
Слично
