Крај на деценискиот спор: Колку ќе плати државата на „Макпетрол“ за акциите во ГА-МА
Владата планира да ги скрати капиталните расходи и да вложи во докуп на сите акции на ГА-МА кои сега ги поседува „Макпетрол“. Тоа всушност и е капитална инвестиција заради тоа што ГА-МА како стратешки значаен национален систем за пренос на природен гас ќе добие стопан и ќе почне да работи оптимално. „Макпетрол“ ќе добие кеш од заробената инвестиција и ќе може средствата да ги вложи во развој на бизнисот со снабдување со природен гас или во малопродажбата на нафтени деривати. Овој потег е пример како треба да се решаваат споровите. И двете страни се добитници. Можеби најдобриот економски потег на Владата оваа година. Конечно државата ќе стане сопственик на системот за пренос на природен гас
Владата објави дека резервирала пари за да ги купи акциите на „Макпетрол“ во ГА-МА, акционерско друштво, кое е сопственик на инфраструктурата за пренос на природен гас во земјава. Дознаваме дека „Макпетрол“ ќе ја прифати понудата на Владата доколку понудената цена е фер и согласно со пазарната вредност на преносниот гасоводен систем со Македонија и е поврзана со Бугарија од каде добива руски природен гас. Доколку се реализира ова решение во тој случај ќе се стави среќен крај на деценискиот спор во кој низ судските лавиринти се докажуваа Владата и „Макпетрол“.
Само за потсетување, спорот во суштина се водеше за правото на мнозинска сопственост врз акциите во гасоводот. Имено и двете страни во спорот влегоа со тврдења дека се сопственици на мнозински пакет акции односно дека поседуваат 51 отсто од акциите на компанијата. Оваа солуција од повеќе аспекти изгледа како соломонско решение. Државата ќе обезебеди целосна сопственост врз преносниот гасоводен систем, а со тоа ќе се задоволи и нормата содржана во актуелниот Закон за енергетика кој предвидува државата да стопанисува со преносниот гасоводен систем, а фирма што е снабдувач (како што е случај со „Макпетрол“ н.з.) да не може да биде и сопственик на преносниот национален гасоводен систем.
Од друга страна „Макпетрол“ може да биде задоволен затоа што по десетина години „мртвата“ инвестиција, која требаше да носи многу повеќе пари ако работеше оперативно и со оптимален капацитет, ќе ја наплати по фер цена. Тоа значи дека компанијата ќе има прилив на свежи ликвидни средства со кои ќе може да вложува во нови проекти и ќе може да се фокусира на своите „кор“ дејности: малопродажба на нафтени деривати и развој на дејноста снабдување со природен гас на домашниот либерализиран пазар.
Овој расплет го најави уште ланската есен вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев кој рече дека ќе биде изготвено вештачење врз основа на кое ќе биде утврден влогот на „Макпетрол“ во заедничката компанија за пренос на природен гас.
Како работеше ГА-МА во 2017 година
Според последни јавно достапни податоци ГА-МА , сопственик на транспортниот гасоводен систем во Република Македонија кој во овој момент функционира лани оствари добивка од 2,27 милиони евра. Профитот на ГА-МА е 35 отсто од целиот приход на компанијата што е остварен од транспорт на гас низ гасоводниот систем. Оваа компанија единствена по својата дејност во земјава лани има приходи од 6,45 милиони евра и тие во однос на 2016 година се поголеми за 1,1 милиони евра. ГА-МА е фирма во која сопственици се Владата и „Макпетрол“ единствена домашна компанија со повеќе од 90% домашни акционери.
Најинтересно е тоа што ГА-МА остварува солидни приходи кои се сведуваат на приходи од патарини затоа што таа нема лиценци за управување со системот и за пренос на природен гас. Имено во март 2007 година Регулаторната комисија за енергетика на ГА-МА и ги одзеде двете лиценци и од тогаш компанијата што е сопственик на системот на пренос на гас нема лиценци да ги врши тие дејности. Сега за тие енергетски дејности нема лиценци. Државата основа друга компанија „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) која неколку години наназад гради преносен гасоводен систем кој не функционира.
