Коѕиас ја обвинува Македонија дека несоодветно се справувала со бегалците
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас упати остри критики на македонска адреса за третманот кон бегалците.
Тој вели дека Македонија употребила несоодветни средства во справувањето со бегалците и повеќе пати го прекршила меѓународното право.
„Одговорност сносат и земјите-членки на ЕУ, кои, и покрај нивното присуство во Македонија, не го спречија таквото однесување. Оние кои мислат дека ќе престанеме со преземање иницијативи и остварување на проактивна надворешна политика, се будали. Оние кои не можат да ги поднесат тешкотиите на надворешната политика и ја губат својата сталоженост, треба подобро да се погледнат себе си“ - вели Коѕиас.
Објаснува дека на 14 април се одржа првиот трилатерален состанок за прашањето на бегалците со Албанија и Италија. На 21 и 22 април Солун ќе биде домаќин на состанок за прекугранична соработка со министрите за надворешни и за внатрешни работи на Бугарија, Македонија и Албанија.
