Ковачевски: Струјата нема да поскапи од 1 јануари, над 20 отсто пониски сметки за малите и средни претпријатија
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека струјата нема да поскапи од 1 јануари, односно ќе има над 20 отсто пониски сметки за малите и средни претпријатија.
„Политиките на Владата, искусниот тим кој работеше на надминување на предизвиците со енергетската криза имаат видливи резултати. Граѓаните се уверија дека Владата нема да дозволи ценовен шок за населението и за малите потрошувачи на електрична енергија, што се потврди со цените на струјата што денеска ги соопшти Регулаторната комисија за енергетика“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Македонска радио телевизија.
Вели дека од 1 јануари, цената на електрична енергија кај домаќинствата за првиот и вториот блок се намалува, а само ќе се зголеми цената на третиот и четвртиот блок.
„Во четвртиот блок има зголемување на цената, но таму се граѓани и семејства кои трошат поголеми количини на енергија, кои загреваат поголеми површини, дел од нив загреваат и базени во текот на зимскиот период. Тие можат да си дозволат да имаат таква потрошувачка", рече премиерот Ковачевски.
Големо намалување на цената на струјата, односно 20,15 отсто има за малите потрошувачи на електрична енергија. Премиерот истакна дека станува збор за 72.000 мали и средни претпријатија во државата кои вработуваат 98 отсто од работниците во земјава.
