Ковачевски најави покачување на пензиите, Левица даде предлог како да се направи тоа
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе има покачување на пензиите.
„Веќе имавме едно зголемување на пензиите во јануари од 2,9 проценти со усогласувањето. Започнавме анализи за дополнително покачување и наскоро може да очекуваме повторно зголемување на пензиите“, изјави Ковачевски.
Вели дека повисоката нето плата ќе значи зголемување на буџетот и животниот стандард.
На ова реагираа од Левица. Велат дека во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, пензиите се усогласуваат на 1 јануари и 1 јули секоја година, според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие, во однос на полугодието кое му претходи објавени од Државниот завод за статистика.
„Но, ова пресликано во еден пластичен пример би значело дека пензионер кој прима пензија во висина од 15.000 денари ќе добие покачување во висина од 435 денари. Додека пензионер чија пензија изнесувала 35.000 денари, ќе добие покачување во висина од 1.015 денари“, додаваат од Левица.
Велат дека на овој начин усогласување на пензиите ги става во понеповолна положба пензионерите со пониски пензии, иако покачувањата на цените на прехрамбените производи, струјата како и многу други стоки и услуги е подеднаква за сите. Според Левица потребни се драстични измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување во овој дел.
За споредба, додаваат дека во Словенија се врши усогласување на пензиите на 1 јануари секоја година, со процент од пораст на платите за 60 проценти и пораст на индексот на трошоците за живот за 40 проценти, остварен во претходната година. Покрај ова усогласување, во Словенија се врши и еднократно усогласување на пензиите, таканаречено летно зголемување на пензиите, и тоа со примена на дегресивна скала, односно на помалите пензии им се додава повисок износ на додаток.
Со процентуалните покачувања на пензиите,Левица смета дека единствено се продлабочува нееднаквоста и се создава дополнително раслојување, наместо да се намали социјалната нееднаквост.
