Коузон потврди: Нема веќе работа за Македонците на брод затоа што симулирале здравствени проблеми
После вчерашната вест која ја објавивме дека компанијата Royal Caribbean една од најголемите компании која ангажираше работници од регионот за работа на брод во иднина нема да ангажира работници од Македонија, денеска Фактор ја контактираше агенцијата која врши посредување за работа на брод Коузон и тие ја потврдија оваа информација.
-Оваа одлука се однесува за 14 држави, меѓу кои е и Македонија, а истото НЕ ВАЖИ за Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Причината за оваа неочекувана одлука на најголемата компанија која ангажира работници за работа на брод од регионот се симулираните лекарски проблеми од страна на лицата кои заминуваат да работат, наведуваат од Коузон.
„Ова е смислен и организиран атак врз компанијата која на овој начин губи многу пари и е принудена да го прекине договорот.
Заминуваш на работа, работиш одредено време, симулираш лекарски проблем, се пожалуваш и бараш отштета од компанијата, ова е сценариото кое го симулираат одредени лица и истото ги натера надлежните од компанијата да во одреден период ја запрат побарувачката за работен труд од нашата земја и регионот“, изјавија од Коузон за Фактор.
Според американските закони работниците имаат право да ја тужат компанијата и можат да добијат 20.000 до 35.000 долари отштета што е доста примамлива цена за работник од регионов.
Од Македонија оваа година требаше да заминат 30-40 лица но поради оваа одлука истите сега ќе останат дома, додека оние кои веќе се таму и работат си остануваат и за нив оваа одлука не се однесува.
Не е определено времето, до кога работниците од Балканот нема да бидат во фокусот на вниманието на оваа фирма, преку која многу Македонци досега одеа на работа на брод.
Фактор неодамна ја објави сторијата за дваесет и осум годишната Ирена П., која ја раскажа својата животна приказна. Печалбарската сага според неа има и лоши но и добри страни.
Целата сторија на следниот линк: ДОСИЕ РАБОТА НА БРОД: Борба за егзистенција или авантура?!