Коцијанчиќ контра Иванов: Парите за бегалската криза не се префрлаат на владини сметки
Парите за справување со бегалската криза Европската комисија не ги префрла на владини сметки, туку преку фондови, изјавила за Телма портпаролката на комисијата Маја Коцијанчиќ откако претседателот Ѓорге Иванов ги обвини ЕУ и Германија дека не и дале ниту денар на Македонија .
Иванов остро ја нападна Европската Унија и Германија за односот кон Македонија и бегалската криза.
Во интервју за германски „Билд“ тој потенцира дека Македонија е напуштена и дека како транзит зона трпи големи штети од кризата. За фактот дека Турција ќе добие парична помош од ЕУ, Иванов одговара дека ова не е прв пат Македонија да биде напуштена од Европската Унија.
„Поддршката за земјата за активности наменети за гранично управување и миграција досега изнесува речиси 50 милиони евра. Едно нешто е важно-правилата за тоа како ние ги користиме парите на даночните обврзници се многу конкретни“, посочуваат од ЕУ.
И портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт кажа дека Германија со голем ангажман работи на стабилизирање на западнобалканските држави, а за Македонија ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година става на располагање 664 милиони евра. Македонија од ЕУ има добиено 52 милиони евра за згрижување на бегалците, додава портпаролот.
