Костовски и Трајановски се скараа за земјиштето кај „Кермес“
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски најавува дека од неговиот претходник Трифун Костовски ќе го бара назад земјиштето во Градскиот парк, околу „Кермес“. На оваа локација Трајановски сака да гради парк на цивилизации и алеја на спортските великани, но тоа не може да го реализира бидејќи Костовски има корисничко право на земјиштето.
Површината на објектот Кермес и на терасата е 1.048, но дополнитено во 2004 година со судско решение Костовски добил корисничко право на дополнителни 6.368 метри квадратни околу Кермес, објаснува Трајановски.
„Бев изненаден кога слушнав за вака огромен простор околу Кермес за кој што дополнително е земено корисничко право и платено е корисничко право. Градот Скопје нема да се помири со овој податок, зборуваме за овие 6.368 метри. Бараме и ќе гледаме да најдеме начин како да си го вратиме тоа земјиште за да биде сопственост на Македонија, односно на граѓаните на Град Скопје. Не сме против Кермес и она што го има Кермес околку него, меѓутоа сме против тоа да се земе целата оваа површина. Мислам дека тоа не е коректно“, вели Трајановски.
Градските служби веќе неколку месеци барале начин како оваа парцела да ја вратат во владение на Градот. Бизнисменот и поранешен градоначалник Костовски реагира на намерите на градоначалникот Трајановски, но и на споменувањето на неговото име во овој случај.
„Во дадената ситуација, Трифун Костовски никаде не фукционира како личност, туку тука постои правен субјект со назив ‘Кермес ДОО‘, кој што е регистриран согласно позитивните прописи во Република Македонија од 2004 година. Во моментов ’Кермес ДОО‘ е сопственост на ГОФИ од Швајцарија. Бидејќи се работи за објект кој што има услужна дејност, најостро реагираме за преземање какви било чекори за одземање на правото на користење на доделеното земјиште, бидејќи таму се предвидени хотел, ресторан и кафетерија. Со цел да се сочува старата традиција на ‘Кермес’ неопходен му е простор за летни бавчи и тераси“, појаснува Костовски во писмената реакција.
Слично
