„Костал“ со нова инвестиција во Охрид во вредност од 25 милиони евра и нови 200 вработувања
Германската компанија за изработка на прецизни делови за автомобилската индустрија „Костал“ има нова инвестиција во фабриката во Охрид. Станува збор за производство на полначи за електрични и хибридни возила кое треба да започне во 2024 година.
Генералниот директор на „Костал” Македонија, Виктор Мизо рече дека станува збор за технолошки најсофитицираниот производ кој се произведува во рамки на „Костал групацијата“ и ќе се произведува за Европа токму овде во Охрид, но е и најсофитицираниот производ што се произведува од автомобилската индустрија во Македонија.
„Досега „Костал“ има вкупно вложено над 100 милиони евра и планот е од средината на 2024 година да ги произведуваме сите системи на полначи кои се монтирани внатре во авотмобилите од групацијата Фолксваген, каде влегуваат Фолксваген Пасат, Шкода Октавиа, Ауди, Порше. Сите плагин хибридни возила идните системи коишто ќе ги користат ќе бидат произведени тука. Оваа инвестиција има потенцијал да биде зголемена на 40 милиони евра и 350 нивни вработувања кое ќе биде одлучено во наредните две три недели на раговорите со Фолксваген“, истакна Мизо.
Мизо појасни дека од средината на 2024 година планираат да ги произведуваат сите системи на полначи, кои се ставени – монтирани внатре во возилата на групацијата „Фолксваген“. Тука ќе влезат „фолксваген пасат“, „шкода октавија“, „ауди“, „порше… “, сите хибридни возила и идните системи кои ќе ги користат, ќе бидат произведени во „Костал“ во Македонија.фото МИА
