Костадин Делимитов, Алфа: Потребен е компромис, а не суети и непродуктивни расправии!
Буџет мора да има но не и договор во Парламентот до 31 декември, така барем предвидел кај нас законодавецот. Значи, ова што сега ни се случува во законодавниот дом од правен аспект е легитимно, но од морален, економски, социјален па и политички, има спорни елементи. Опозицијата бара да се штеди и предлага рецепт за огромна заштеда. Според мене е нормално и за поздравување кога некој ќе седне и ќе пресмета колку навистина Македонија може да си дозволи во моментов да троши. Па тоа го прави секој во рамки на својот домашен буџет.
Но само до тука!
Она што сега се случува во Парламентот е ненормално од секој аспект бидејќи многу е лесно кога се прави есап со туѓи пари, или поточно пари на народот. Власта си пресметала да потроши колку сака, опозицијата за чудо нешто се размрда деновиве и одеднаш бара тоа да биде ни помалку ни повеќе туку солидни 204 милиони евра помалку. И блокада! Никој не попушта, сите кукаат, дека нема да има за плати и пензии, или пак ќе бидеме презадолжени. И што сега! Само ќе се кука дека не чини работава или како нормални луѓе што кога побарале легитимитет овој народ кој едвај крпи крај со крај им ја дал довербата ќе седнат и нормално ќе разговараат? Но секое седнување на маса значи и подготвеност за компромис, тоа барем нам во Македонија мислам дека ни е јасно, или пак треба да ни стане јасно! Значи, дијалог и договор, без суети! Суетите нека си ги остават по дома за да ги имаат кога ќе си го планираат сопствениот домашен буџет. На одговорните работни места за кои се платени од народни пари и двете страни треба да седнат и да се договорат, ако треба нека се договараат деноноќно, па и нека не спијат! Јас, како и секој нормален во оваа земја сакам да видам буџет за да можам да гледам како и на што Вие политичарите ги трошите нашите пари. Затоа доста се карате на непродуктивен начин! Седнете и направете буџетот да биде домаќински! Оставете ги на страна ултиматумите, уцените, заканите, паничните пораки! Само апелирам да не се степате, зашто не дај боже ќе му пукне филмот на народот и ќе ви истепа сите Вас!
Костадин Делимитов, Алфа Телевизија
Фактор ќе ви ги претстави различните мислења на дел од македонските новинари во однос на случувањата околу Буџетот. За Фактор, пишуваат новинарските пера од повеќе македонски медиуми, секој со свој став за она што деновиве се случува во Собранието. Разноликоста на перцепциите и предвидувањата носат интересен поглед, а можеби и интересни солуции за излез од пат позицијата во која заглавија власта и опозицијата. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската дебата.
Слично
