Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОСТА КРПАЧ ПОГРЕБАН: Обвинителство ќе прави нови вештачења

КОСТА КРПАЧ ПОГРЕБАН: Обвинителство ќе прави нови вештачења

Нови анализи и вештачења со цел за подобро расветлување на случајот најави основното обвинителство во случајот на Коста Крпач.

Крпач вчера беше погребан на градските гробишта во Бутел, а неговата смрт уште не е расветлена.

Институциите не откриваат детали од досегашната истрага, а јавноста се уште шпекулира дали се работи за убиство или самоубиство.

Академскиот сликар и директор на фирма-сопственик на агенцијата Нетпрес, се најде на списокот аболирани од претседателот Иванов но за какво дело е помилуван Крпач од кабинетот на шефот на државата одговоор нема.

Контроверзите на „Финзи“

Името на Коста Крпач за прв пат во пошироката јавност се прошири, како директор на фирмата која е газда на порталот „Нетпрес“. Тој е директор на компанијата „Финзи ДООЕЛ“, која стана сопственик на веб порталот „Нетпрес“. Не е познато на кој начин и по која цена „Финзи ДООЕЛ“ ја направи бизнис зделката. А, како сопственик на “Финзи“ се води компанија од офшор дестинацијата Кипар. Инаку, според историјатот на фирмата, прв управител во 2009 година било друго лице, кое е основач на фирмата НВСП. Како директор на НВСП, пак се појавува трето име.

За што беше помилуван Крпач?

Сите тројца се аболирани од Претседателот Иванов, заедно со останатите 56 лица. Нивните имиња се објавени во Службен весник под ист број на одлука. Но, за кој предмет и за кое дело се аболицирани, шефот на државата не даде одговор.

Според претпоставките тројцата биле предмет на истрага на Специјалното јавно обвинителство во врска со набавката и митото за израелската опрема за прислушување. Трите имиња се поврзуваат со бомбата под број 15 која ја објави СДСМ.

Според истрагата која со потписот за аболиција ја спречи Иванов, пари за зделката со израелската опрема легнувале токму на фирмата „Финзи“.

Токму истрагата која ја водело СЈО за овој случај ги подгреа теориите на заговор дека можеби и не се работи за самоубиство. Според шпекулациите во јавноста, не се исклучува можноста Крпач да сведочел или да има намера да сведочи за црните пари и матните зделки, па со неговата смрт да се ликвидира опасноста од разоткривање на вмешаност на други лица.

Според други, сосема спротивставени претпоставки, Крпач посегнал по сопствениот живот не можејќи да го издржи психолошкиот притисок од можноста тој да одговара за некое дело пред македонските судови. Тој, имено како што јавуваат некои медиуми неколкупати досега веќе бил повикуван во СЈО.

Слично

Поврзани вести