Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОСОВСКО ЕМБАРГО: Што се крие зад потегот на Приштина?!

КОСОВСКО ЕМБАРГО: Што се крие зад потегот на Приштина?!
Косовското ембарго за македонските производи повторно го отвори прашањето дали Македонија го крши договорот за слободна трговија  или пак овој пат постои друга позадина? Дел од експертите сметаат дека во целата ситуација и Македонија има вина, но во овој случај нејасна е постапката на Косово. Причината поради која Косово ги спушти рампите (македонската мерка за условен увоз на пченица и брашно), е нелогична бидејќи од таму увезуваме  незначителни количини на пченица и брашно, сметаат експертите. Македонија од Косово увезува само 3 отсто брашно, додека 90 отсто е брашно од Србија и 7 отсто од Босна и Херцеговина. -Косово има мало производство.Ние имаме суфицит со Косово, немаме многу производи за увоз од кај нив, тие немаат развиено производство како нас. Затоа ме чуди оваа нивна смелост. Зошто на крајот кога веќе се укина мерката за условен увоз на пченица, а наскоро ќе се случи истото и со мерката за условениот увоз на брашно, се сетија да ставаат ембарга? Мора да постои друга причина. Можно тоа да го планирале и претходно па сега ова нашата мерка добро им се погоди, а тоа единствено би го правеле ако сакаат нашето место на нивниот пазар да го заменат со друга држава, вели агроекономистот Борис Анакиев. Од друга страна експертите сметаат дека дел од вината е кај Македонија, бидејќи ваквите мерки се меч со две оштрици- една гранка се спасува друга се уништува. На крајот извозот трпи штети. - Ова беше очекувано, штом се мешаме во слободниот пазар. Ние го штитиме нашето производство, но и тие си го штитат нивното.Нема потреба од вакви мерки за заштита на домашното производство, постојат други начини за заштита на домашното производство и за подигање на конкурентноста. Оваа ситуација е лоша за двете земји, собено за нас, бидејќи постои ризик неповратно да го изгубиме овој пазар ако периодов друга земја го завземе нашето место на косовоскиот пазар. Не знам кои опции би ги превземале сега и да возвратиме, што уште треба да сториме, да ги затвориме границите за сите производи?  Ние треба да ја укинеме мерката, и да не се воведува веќе, оти постојано ќе имаме проблем, објаснува Анакиев. Стопанствениците веќе бројат штети Бизнисмените веќе бројат штети. Нарачките се откажуваат, камионите се враќаат од граница. Дел од стопанствениците се револтирани што воопшто не биле консултирани кога се носела заштитната мерка, за која како што велат сега со косовското ембарго се докажало дека е непродуктивна. - Има реакции од наши членки кои извезуваат таму. Се враќаат нарачките, и стравуваме дека ќе засекогаш ќе го изгубиме овој пазар. Оваа беше за очекување но досега очигледно имало џентламенски договор меѓу владите. Ова е причинското последична појава. А причината сме ние оти владата немаше доволно слух да ја слушне бизнис заедницата. Имаше остри дебати со мелничарите кога се носеше мерката. Тогаш владата ги притискаше на некој начин да го откупуваат житото по двојно повисока цена од онаа на берзите. Наместо да се разгледуваа можностите како нашиот земјоделец да биде конкурентен, преку квалитет и цена на меѓународниот пазар, Владата се одлучи за една непопуларна мерка која е протекционистичка, оти не е реална и ги доведува земјоделците во заблуда дека тоа секогаш може така да функционира.Таквата популистичка мерка има директен импакт врз стопанствтото, врз рушење на слободната трговија и последицата е очигледна. Ние со ова креираме слика на несериозен партнер на пазарот, вели Мендерес Кучи, претседател на Комората на Северозападна Македонија. Со сличен став излегоа и стопанственицте од Стопанската комора на Македонија. И тие апелираат проблемот да се реши што побзро, оти штетите ќе бидат оргомни. Влада- преговорите траат, во игра се сите опции Владата започна интензивни преговори со властите од Косово. Премиерот Никола Груевски најави дека доколки не постигне договор во игра се сите опции. Но не се прецизираше како точно ќе возврати Македонија. - Не станува збор за мерка којашто е само кон Косово, туку кон сите земји членки на ЦЕФТА и ниту една друга земја не реагира вака како што реагира Косово и без претходна најава го направи тоа. Доколку не се посстигне договор сите опции се отворени, изјави премиерот Никола Груевски. Инаку Македонија има огромен суфицит во однос на Косово, каде за седум месеци сме извезле 160 милиони долари, а сме увезле само 17 милиони, ако се воведат контра мерки, ќе има економски последици и за Косово. Не е исклучено воведувањето на царини за косовските производи, затворање на границата за стоки. Тоа ќе предизвика загуба и за косовските извозни фирми, а ќе се намалат и приходите во косовскиот буџет. Пред два дена Косово стави ембарго за увоз на жито, брашно, млеко, зеленчук, алкохол, цигари и други производи од Македонија. Според образложението од косовските власти, на ваков чекор се одлучиле поради македонската мерка за условен увоз на пченица и брашно. Засега од македонска страна не се прецизира кога ќе се укине мерката за условен увоз на брашно, иако претходно во јавноста излегоа инфорации дека тоа ќе се случи на 15-ти септември. Инаку прва со закани поради истата мерка почна Србија, но контра мерките не ги спроведе. Македонија и Србија два месеци преговараа, а за проблемот се свика и Комитетот на  ЦЕФТА. Владата ја укина мерката за условен увоз на пченицата на почетокот на месецов, а  најави дека мерката за условен увоз на брашно ќе се повлече кога пазарот ќе се стабилизира. Една се спасува, друга гранка се кастри И додека бизнисмените бараат итно укинување на мерката за условен увоз на пченица, мелничарите инсистираат мерката да не се укинува предвреме, односно овој месец. Предупредуваат дека ако се ослободи увозот мелничарската индустрија ќе крахира. Според нивните информации уште следниот ден од укинувањето на мерката во земјава ќе влезат 10.000 тони српско евтино брашно, кое ќе го потисне македонското брашно од домашниот пазар. Побараа доколку мерката се укине Владата да го субвенционира  откуп на домашната пченица над 11 денари за килограм. Доколку не се исполнат нивните барања, се заканија дека ќе им ја вратат на земјоделците откупената пченива, оти немаат пари за исплата. На овој начин мелничарите ризикуваат да ги изгубат лиценците, а земјоделците ќе останат и житото дома и без пари за родот. На последната тајна средба со ресорниот министер Љупчо Димовски, договор не постигнаа. Следната недела ќе продолжат со средбите. Ј.С
Слично

Поврзани вести