Косовски политичар вели дека е потребно исцртување на нови граници меѓу Косово и Србија
Решението на спорот меѓу Косово и Србија е во редефинирање на границите. Oваа идеја ја спомена претседателот на опозициската Социјалдемократска партија на Косово (ПСД), Дардан Молиќај.
Тој изјави дека ново исцртување на границите меѓу Косово и Србија е решение што ќе доведе до конечна спогодба за решавање на споровите меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина. Кажа дека конечниот косовско-српски договор што му е „потребен на целиот регион“, треба да „подразбира самоопределување на Косово и обединување со Албанија“. Вели дека сега во игра се три опции.
„На повидок се три можности: да се продолжи статус-кво ситуацијата што би претставувало регрес; второ, постигнување договор што ќе ја подразбира Заедницата на српски општини во Косово, што е нефункционално и подразбира продолжување на конфликтот; и трето е редефинирањето на границите и тоа подразбира дефинитивно раздвојување и меѓусебно признавање меѓу двете држави“, изјави Молиќај.
Нему не му се допаѓа односот кој власта во Косово го има кон Србија. Вели дека косовските власти настапуваат воинствено и одмазднички.
Идејата за нови граници меѓу двете држави беше актуелна изминативе години, но имаше и предупредувања од странски политичари дека тоа ќе ја отвори „Пандорината кутија“ на Балканот.
