Косовската Вива Фреш по една година го реализира купувањето на маркетите Кит-Го
Косовската компанија Вива Фреш е на една недела до десет дена до финиширање на договорот за купување на ланецот маркети Кит-Го, откако речиси по една година Комисијата за заштита на конкуренција даде дозвола да се овозможи превземањето. Истовремено штипскиот ланец за малопродажба Кит-Го, досега во сопственост на Кирил Гогов, изминатите денови го направи потребното издвојување и се пререгистрира како „Кит-Го Инвест“, отстапувајќи му го „Кит-Го“ на Вива Фреш.
Минатата година во октомври „Фактор“ објави дека Viva fresh store (Вива Фреш сторе) го купува штипскиот ланец маркети. Вива фреш за сите маркети на Кит - го ќе искешира над 50 милиони евра. Директорот на косовската компанија, која веќе поседува хипермаркет во скопско Топанско Поле, Беким Беќири, ни изјави дека комплетното преземање требало да се реализира на почетокот од оваа година, но застој имало поради испитувањата од Комисијата за заштита на конкуренција.
- Се одолговлечи постапката на комисијата затоа што тие сакаа да проверат дали има монополизација на пазарот, што се вели од улица до улица. Тоа беше главното што требаше да се заврши и сега очекувам за една недела до десет дена да го заклучиме конечниот договор и превземањето. По мое мислење, маркетите Кит-Го ќе си го задржат името, а за понатаму ќе треба да видиме, ни изјави Беќири.
КЗК во својата објава вели дека со ова превземање, компанијата од Приштина нема да има доминантна позиција на пазарот. Во текот на годинава, за да се испита дали евентуално се нарушува конкуренцијата, биле барани податоци од Тинекс, Веропулос, КАМ, Рамстор, Гиго Трејд, Кипер и други.
На светскиот пазар во 2021година Вива Фреш има остварено вкупни приходи во износ
од 223.737.171 евра, од кои во Македонија се 6.896.598 евра. Вкупниот приход на КИТ-ГО Штип остварен лани изнесува 67.326.938 евра. КИТ-ГО Штип во Македонија има 58 маркети од кои 5 се лоцирани во Скопје. Со превземањето, Вива Фреш на пазарот со малопродажба ќе има концентрација од 13,22 отсто.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата оцени
дека пријавената концентрација, иако потпаѓа под одредбите од Законот за заштита на
конкуренцијата, е во согласност со истиот, бидејќи нема да има за последица значително
спречување, ограничување или нарушување на ефективната конкуренција на пазарот или на
негов суштински дел, особено како резултат на создавање или зајакнување на доминатната
позиција на учесниците“, заклучува КЗК по испитувањето на пазарот.
Александар Кузмановски
