Косовска и албанска компанија за тргување со струја добија лиценци во Македонија
Една косовска и една албанска компанија во еден ден треба да добијат по две лиценци за трговија и снабдување со електрична енергија на слободниот пазар во Македонија од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
„Волтон“ и „Бе Повер“ поднеле барање за добивање лиценца за двете дејнсоти во текот на февруари, а според агендата на РКЕ, тие требало да бидат разгледани и одобрени на седницата на 6 март.
Волтон од Албанија регистрирал своја фирма во Македонија во ноември 2025. Директор е Васил Шпата од Тирана. За оваа фирма нема многу јавни податоци од таму, освен дека потеклото е од Албанија.
За Бе Повер од Грачаница има повеќе податоци со тоа што како основна дејност купува струја од производители или од берзи за електрична енергија а потоа ја препродава на индустриски компании или други снабдувачи. Во јануари 2026 регистрира своја фирма во Македонија на чело со Бесим Хетеми од Вучитрн.
Според подготвените материјали од седницата на РКЕ, двете коомпании ги задоволиле барањата со поднесената документација и ќе треба да приложат гаранција од 100.000 евра за да учествуваат на слободниот пазар со електрична енергија.Инаку РКЕ во текот на минатата година има издадено 15 лиценци за тргување со електрична енергија и девет лиценци за снабдување на пазарот.
А.К.
