Економија, финансии, бизнис

Контакт

Косово воведе ембарго, македонските бизнисмени во паника

Косово воведе ембарго, македонските бизнисмени во паника

Извозниците во паника, македонските камиони стојат на граница. Откако Косово пред два дена го воведе ембаргото за македонските производи како жита, брашно, млеко, кондиторски производи, овошје и зеленчук, но и , алкохол, тутун и цигари, стопанствениците браат повлекување на меракат за условен увоз на брашно која според претпоставките го активираше косовското ембарго.

Како што денеска изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, ограничувањето на увозот на македонски производи не е добро за двете соседски земји и економии, а информираше дека се разговара за надминување на состојбата.

„Таа мерка не е добра гледајќи и од аспект на функционалност и интерес за двете економии затоа што со неа и економијата на Република Косово ќе претрпи определени негативни последици, пред се граѓаните на Косово. Не е добра ниту пак од еден друг аспект на соседски односи“, изјави Ѓорѓиев кој додаде дека има сериозен сомнеж во нејзината економска и правна оправданост.

Владиниот спикер повтори дека ембаргото е ненајавено, а Косово нема досега реагирано на македонските одлуки досега.

„Ние како Влада повикуваме оваа мерка да биде укината и да биде тргната во функција и на двете земји и економии, на субјектите кои партиципираат и на едната и на другата страна, а во меѓувреме, се разбира, одговорно разгледуваме и други сценарија и можам да кажам дека сите опции се отворени и ништо не е исклучено„, изјави Ѓорѓиев.

Со кратка изјава се јави и македонскиот премиер, Никола Груевски, според кој останува отворена можноста за реципрочни мерки од македонска страна

„Владата преку разговори се обидува да ги нормализира односите со Косово и доколку во тоа не успее можни се сите опции“, изјави Груевски.

Во меѓувреме се огласија и биснизмените кои се најпогодени во целата ситуација.

„Знаејќи дека во последно време Македонија значително го поседува косовскиот пазар со своите производи бараме итно да се почитува одлуката донесена од страна на македонската влада за укинување на одлуката за заштита на пченица и брашно. Ние сме за заштита на домашното производство, но никако не можеме да прифатиме во името на заштита на еден производ да се предизвика значително поголема штета на целата индустрија преку одредени блокади како реципроцитетни мерки  од страна на соседните земји“, стои во писмената реакција на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Засега не се знае до кога ќе трае косовското ембарго, како и условениот увоз на брашно воведен од македонска страна мерката. Според извори од Министерството за економија, можено е министерот  Ваљон Сарачини наскоро да замине во Приштина на разговор со тамошните власти.

Лани вкупната размена на Македонија со Косово вредеше 421 милион долари, од кои 392 милиони беа извоз, а само 29 милиони увоз. Најизвезувани производи во Косово се нафтените деривати, цементот, производи од челик и железо, цигари, лекови, пекарски производи, пијалаци (пиво), додека најмногу се увезуваат остатоци од челик, други заварувачки цевки, вода, пластични плочи, битумен и асфалт.

Македонија речиси и да не увезува брашно од Косово, односно бројката изнесува под 3%.

Слично

Поврзани вести