Косово вети дека ќе ги штити христијаните
Косово ќе ги брани христијаните и ќе учествува во борбата против „Исламската држава“, гарантира косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи.
Тачи го стори тоа за време на средбата со грчкиот колега Никос Коциас одржана во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Тачи се заблагодари за „доследната позиција на Грција во однос на Косово и поддршката на Атина за напорите на Приштина за интеграција во меѓународните организации“.
„За време на средбата Тачи изразил приврзаност на косовската влада за борба против верскиот фанатизам, вклучувајќи го и учеството во борбата против „Исламската држава“, како и неговите намери да обезбеди заштита и финансирање за поправка и реставрација на христијанските споменици и цркви во Косово“, се вели во соопштението на косовското Министерство за надворешни работи.
Коциас, од своја страна, изразил поддршката од Грција за напорите на Косово за пристапување на земјата кон меѓународните организации во согласност со меѓународното право и во интерес на стабилноста во регионот. „Нашата заедничка цел е интеграција на сите земји од Западен Балкан во ЕУ“, истакнал грчкиот министер за надворешни работи.
