Косово ќе и продаде јаглен на Македонија
„Газета експрес“ објави дека косовскиот политички врв се согласил на Македонија да ѝ се продадат три милиони тони јаглен.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во писмениот одговор до порталот се вели дека барањето за купување јаглен e изнесено при последната посета на Косово на делегација на македонското Министерство за економија, предводена од министерот Крешник Бектеши.
Како што беше објавено по средбата на Бектеши, на 10-ти овој месец, со неговата косовска колешка Артане Ризваноли и со директорот на Косовската енергетска корпорација, КЕК, Нагип Красниќи, двете министерства се договориле да се направи и потпише Меморандум за разбирање меѓу Македонија и Косово, со кој ќе се обезбедат потребните количини јаглен за производство струја од домашните енергетски капацитети.
„Министерството за економија на Република Косово прифати да отвори дебата, односно консултации околу модалитетите на потенцијалниот договор... Од политичкото ниво е дадена согласност и изразена добра волја компаниите да ја продлабочат соработката и техничките детали да се прецизираат во текот на преговорите“, се вели во одговорот на косовското Министертво до приштинскиот портал.
Од опозицијата критикуваа дека ќе имаме енергетска криза затоа што власта навреме не реагирала.
Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата Што не е јасно на телевизија Алфа кажа дека Македонија ја очекува тешка година. Тој смета дека покачувањето на струјата ќе биде над 10 отсто.
