Косово и Албанија без граница за викенди и празници
Косово и Албанија на денешната меѓувладина седница одлучија да го укинат задолжителното регистрирање на граѓаните при премин на меѓудржавната граница во викендите и во текот на државните празници.
Денеска во Приштина беше решено одлуката да стапи на сила до 1 септември годинава, а за понатаму се подготвува нов договор, со други олеснувања за премин на границата меѓу двете држави.
Бледар Чучи, министерот за внатрешни работи на Албанија, изјави дека оваа одлука е донесена со цел да се спречи создавањето колони на двете страни од границата во текот на летната сезона.
– Со овој протокол се пропишува дека до 1 септември, секој викенд и секој државен празник, на нашите граници државјаните на Косово и на Албанија ќе преминуваат без да имаат потреба од регистрирање од страна на пограничните органи, со цел да не се создаваат редици и доцнења на граѓаните од двете страни, изјави Чучи.
