НОВА КОСОВСКА ВЛАДА: Курти втор пат на премиерското столче
Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, е избран за нов премиер на Косово синоќа, по втор пат откако беше на чело на Владата, за која беше изгласана недоверба во март минатата година, по изборите во октомври 2019 година .
На предвремените парламентарни избори во февруари, Самоопределување на Курти победи убедливо со 48 проценти од гласовите, оставајќи ги зад себе Демократската партија на Косово и Демократската лига на Косово со по помалку од 20 проценти.
Во парламентот со 120 места, 67 од присутните 107 гласаа за Курти, додека 30 беа против.
Седницата за избор на влада следеше само неколку часа откако претходно беше конституиран осмиот свик на парламентот на Косово, на кој беше потврден мандатот на Курти за состав на влада.
Движењето Самоопределување брои 58 члена, Демократската партија на Косово на Енвер Хоџај 19 и Демократската лига на Косово предводена од новиот претседател Јмир Абдиџику 15, додека Алијансата за иднината на Косово на поранешниот премиер Рамуш Харадинај има осум члена. Покрај Српската листа со 11, малцинските партии на Бошњаците, Ромите, Турците, Ашкалиите и Египќаните делат вкупно 20 уставно загарантирани мандати со малцинските заедници.
Иако со помалку од половина освоени места, Курти успеа да обезбеди парламентарно мнозинство со поддршка на малцинските партии, но не и Српската листа.
Тој претходно отфрли формирање влада со една од албанските партии, велејќи дека нема да го стори тоа затоа што „тие беа дел од претходните режими“.
Борбата против короната е приоритет
Во својот инаугуративен говор, тој рече дека новата влада се соочува со многу предизвици и голема работа, нагласувајќи ја пред сè пандемијата на коронавирусот, со порака дека неговата влада нема да губи време и има намера да ја стави короната под контрола за да се намалат новите случаи и да се спречи бројот на починати да расте.
„Планираме да обезбедиме вакцини за 60 проценти од населението“, рече Курти, наведувајќи ги владеењето на правото, образованието и економијата како некои од неговите приоритети.
Додека Западот, пред се Соединетите држави и Европската унија, го гледаат дијалогот на Приштина со Белград како еден од приоритетите на идната влада на Косово, Курти не го вклучи меѓу неговите приоритети. Тој истакна дека без „признавање на реалноста на независно Косово и прифаќање на вистината, не може да има нормализирање на односите меѓу двата народа и меѓу двете земји“.
Не негирајќи дека Косово има отворени прашања со Србија кои треба да се решат преку дијалог, Курти истакна дека не може да се постигне напредок ако нема напредок во решавањето на судбината на исчезнатите на Косово.
„Ќе ги подобриме нашите соседски односи преку реципроцитет. Патот до интеграцијата во ЕУ може да биде предизвик, но нема алтернатива“, рече Курти, кој во претходните интервјуа рече дека дијалогот со Србија ги става косовските граѓани на шестото или седмото место.
Foto: EPA
