Кос ја охрабри Албанија дека ако работи брзо ќе влезе во ЕУ
Еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, во изјава за телевизијата Клан њуз, ја оцени Албанија како една од водечките земји во процесот на евроинтеграцијата.
„Се надеваме дека во мај ќе можеме да ги усвоиме сите привремени стандарди за владеење на правото, а потоа да започнеме со затворање на поглавјата. Неверојатно е тоа што го направи Албанија во последните години, со отворањето на сите поглавја“, рече Кос.
Таа потврди дека Албанија се наоѓа на вистинскиот пат кон ЕУ, упатувајќи високи оценки за решителноста на политичкото раководство на земјата и за континуираната висока поддршка од албанските граѓани, а на прашањето дали е реално земјата да стане дел од европското семејство до 2030 година, Кос додаде дека доколку Албанија продолжи во оваа насока, членството е можно. Таа појасни и дека Европската комисија не е таа што лицитира или одредува фиксни датуми, туку нејзината улога е да ги поддржува реалните визии и реформски напори на земјите кандидатки.
И за Црна Гора претходно имаше пораки дека брзо ќе влезе во ЕУ.
foto printskrin youtube
