Кос до Белград: Не може да седите на две столици – кон ЕУ за пари, кон Русија за гас
Еврокомесарката за проширување Марта Кос испрати необично директна порака до Србија, нагласувајќи дека европскиот пат бара недвосмислена ориентација и политичка доследност. На средба со новинари во Брисел, на маргините на Форумот за проширување на ЕУ, таа порача дека сака да ја види Србија како демократска членка на Унијата, но дека тоа е невозможно додека Белград води двојна политика, пренесува N1info.rs.
„Не можете да седите на две столици – од ЕУ да очекувате финансии, а од другата страна да барате гас“, изјави Кос.
Кос истакна дека е неприфатливо што некои руски државјани – вклучително и лица на списокот со санкции – добиваат српско државјанство преку специјални постапки. Дополнително, остро ја критикуваше одлуката на Србија да учествува во руската воена вежба „Запад“.
„Ако учествувате во акција на армија која убива луѓе во Украина, заборавете на пристапниот процес. Таква земја никогаш не може да стане членка на ЕУ. Но, тоа е избор на Србија“, нагласи таа.
Кос призна дека годинешниот извештај за Србија бил „груб“, но оцени дека и нејзиниот пристап е истовремено строг и праведен.
foto Facebook/Marta Kos
