Користете штедливи светилки, туширајте се кратко - Владата апелира граѓаните да штедат
Владата претстави информативно-едукативни активности за штедење на енергенси.
Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски заедно со соработникот за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата, Виктор Андонов на денешната прес-конференција информираа за последните информации во енергетиката, но и промовираа информативно-едукативни активности коишто имаат за цел штедење на енергенси.
При промовирањето на информативно-едукативни активности под слоганот „Штедиме заедно денес за да имаме утре“, портпаролот Душко Арсовски, наведе примери за заштеда на електрична енергија.
Енергетски ефикасните сијалици заштедуваат и до 90 отсто електрична енергија.
Одржување на температурата на 22 C наместо на 25 C заштедува до 10 отсто електрична енергија.
Краткото туширање заштедува вода, струја и пари на вашата сметка.
Според некои експертски анализи, доколку се почитуваат овие и други препораки може да се заштеди електрична енергија и до 50 отсто.
Андонов информираше за тековната енергетска состојба во земјава и најави дека од денеска Владата започнува со реализација на информативно-едукативни активности, со кои како што рече сакаме да ја подигнеме јавната свест за тоа колку е важно штедењето на електричната енергија во услови на светска енергетска криза.
Владата донесе план за штедење со конкретни насоки за сите органи во состав на државната управа. Заштедата на државните институции кои почнаа да го применуваат овој план изнесува околу 20 проценти.
Вакви препораки пред неколку месеци упатија европските лидери до нивните граѓани. Светот се соочува со енергетска криза. Европските лидери ги советуваа граѓаните да обујат дебели чорапи и џемпери.