Корисни идиоти во антимакедонска кампања – Неверојатните напади врз коментаторите на „македонската“ Арена
Нема Светско на МРТВ, но има преноси на Мундијалот на македонски јазик, за првпат во историјата на една приватна регионална спортска телевизија. Но, и тоа не е доволно за македонските гледачи, гледајќи според најагресивните коментари на социјалните мрежи. Повеќето од нив се дежурни хејтери на Тони Стојановски и останатите коментатори кои врвот на кариерите го доживеаја во МРТВ, пренесувајќи значајни спортски настани, вклучувајќи ги и успесите на македонските репрезентации.
Но, општеството е толку распаднато што Македонецот попрво ќе гледа странски коментатори отколку да „ужива“ на мајчин јазик. Тука нема никакви оправдувања. Иако со години истите тие хејтери плачеа „зошто на Арена нема македонски пренос, туку само српски коментатори во македонски ТВ простор“. Уште поодвратно е што нападот врз екипата на Тони доаѓа од повеќе македонски новинари кои немаат ниту грам колегијалност.
Секој има свои преференци за тоа каков вид на спортски коментар сака додека гледа натпревар. Некои гледачи сметаат дека латиноамериканските коментатори се најдобри бидејќи постојано урлаат, врескаа, пејат и плачат на преносите. Други сакаат аналитични и прецизни коментатори кои ги знаат најситните детали од тоа што се случува на теренот. Трети сакаат коментатори кои го познаваат спортот, небаре самите биле врвни спортисти некогаш.
И, така тешко е да се погоди вистинскиот „микс“ на стручност, жар во преносот, и емотивно дозирање, но ние тука се соочуваме со еден поинаков проблем. Тоа е чисто македономрзење. Омраза кон сѐ што е свое. Фрлање дрва и камења по луѓе, кои (колку толку) нешто прават во животот.
На толку навреди и глумење стручност, се поставува прашањето зошто овие јунаци на социјалните мрежи не се обидат самите да покажат како се коментира еден спортски натпревар. Да отидат во кабина, да стават слушалки, да го наместат микрофонот и да ја пренесат атмосферата од стадион, сала, патека, или од студио.
Моќта на далечинскиот управувач и немоќта на јавниот сервис
Секогаш треба да се прифати критиката од јавноста, од гледачите, од публиката. Тие се тие кои им даваат на медиумите, новинарите и коментаторите легитимитет. Но, тука проблемот е малку подлабок од тоа дали некој коментатор да ви се допаѓа или не, бидејќи секогаш неговото височество „далечинскиот управувач“ го има последниот збор, па може да се смени ТВ каналот, да се гледа пренос без тон, а да се слуша пренос од радио или некоја друга платформа, или пак воопшто и да не се гледа Светско, барем денес има избор. И на крај не мора да се гледа ниту телевизија, има доволно стриминг канали, Јутјуб, Инстаграм рилс, ТикТок, итн.
Ниту тука е прашањето дали јавниот сервис треба по секоја цена да плаќа ТВ права за преноси на големи светски спортски настани или не. Најверојатно треба, но тоа објективно ќе станува сѐ потешко со оглед на длабоката комерцијализација на спортот.
Тука главниот проблем е девалвацијата на македонското општество, кое отворено се случува преку корозивната улога на социјалните мрежи. Негативните коментари, лошите навреди и плукањето врз „македонизмот“ станаа толку многу фаворизирани од компании како Фејсбук, што некој ќе помисли дека станува збор за намерно „штелување“ на алгоритмите.
Факт е дека сме подложени на неверојатна пропагандна војна, најмногу од источниот сосед и ботовски мрежи од повеќе непријателски центри. Но, во оваа борба како „корисни идиоти“, се вклучуваат и бројни обични македонски корисници на социјалните мрежи, кои сета нивна фрустрација, простатилук, неписменост и омраза бестијално и непромислено ја истураат во јавниот простор, со што антимакедонските сентименти само се амплифицираат.
Х.С.