Економија, финансии, бизнис

Контакт

КООРДИНАЦИЈА ВО ВЛАДАТА ЗА НОВИТЕ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА? - за колку ќе поскапат

КООРДИНАЦИЈА ВО ВЛАДАТА ЗА НОВИТЕ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА? - за колку ќе поскапат

Според сознанијата на Фактор, денеска во Владата би требало да има координација околу тоа за колку би требало да поскапат горивата.

Односно, според наши извори, доколку се примени методологијата што вообичаено се користи, кај бензините би требало да има зголемување за пет, а кај дизелот за 10 денари, со оглед на високиот раст на цената на нафтата на светските берзи, но и на растот на доларот во однос на денарот.

Ова, како што говорат некои сознанија, би се случило доколку не реагира Владата, а како што дознаваме, во Владата на оваа тема започнала средба во 17 часот. 

Претходната недела цената на дизелот изнесуваше 74 денари.

Регулаторната комисија за енергетика вообичаено новите цени на горивата ги објавува во 12 часот, а сега, иако е доцна попладне, се уште не се знаат новите цени.

Цената на нафтата расте поради воената интервенција врз Украина.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека не се меша во работата на Регулаторна комисија за енергетика, која во услови на голем пораст на цената на нафтата на светските берзи денеска треба да објави за колку ќе поскапат горивата. 

„Денес имаме рекордно највисоко ниво на електрична енергија и на нафтата, а во однос на одлуките на РКЕ не знам и не се мешам. Таа треба да ги носи одлуките согласно методологијата“, рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање.

На прашањето зошто на одредени бензински станици нема доволно гориво, Ковачевски додаде дека се работи за „воено профитерство“.

„Кажав пред два дена дека има голем дисбаланс во цените., Има непречено снабдување во Македонија и нема прекин во синџирот на набавки, односно има доволни количини на бензинските пумпи и државните резерви. Тоа се случува од шпекулативни причини и сакаат веројатно да остварат воен профит во услови на носење на цената од страната на РКЕ. Тоа не го оправдувам ниту законски, ниту етички“, изјави премиерот.

Денеска се огласи и најголемиот дистрибутер на нафта во земјава „Макпетрол“.

Состојбите на глобалните нафтени пазари се менуваат секојдневно, цените постојано се зголемуваат, а како резултат на тоа, снабдувачите се соочуваат со проблеми при навремената достава на горива до своите партнери.

„Побарувачката на горива во земјава изминативе денови е енормно зголемена, а меѓу главните причини за тоа се шпекулациите и гласините во јавноста дека ќе има недостаток, како и цените на светските берзи. Дополнително, снабдувањето беше отежнато затоа што нашиот дистрибутер Окта во недела не работи. Исто така, и во Грција, од каде што се набавува горивото, недела е неработен ден, а и овој понеделник е државен празник. Сето ова придонесе да се појави привремен недостаток на дизел-гориво на некои наши бензински станици“, истакнуваат од „Макпетрол“.

Компанијата денеска, уште во раните утрински часови, го обезбеди сето расположливо гориво од „Окта“, а истото во текот на денешниот ден и во ноќните часови ќе биде испорачано на локациите на „Макпетрол“.

Очекувањата се дека снабдувањето со сите видови горива на бензинските станици на „Макпетрол“ во следните денови ќе се нормализира.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести