Економија, финансии, бизнис

Контакт

Контролата на летање ќе се поднови со опрема во вредност од 11,2 милиони евра

Контролата на летање ќе се поднови со опрема во вредност од 11,2 милиони евра

М-НАВ ќе врши замена на оперативната технологија во контролата на летањето, за што успеа да обезбеди кредит од ЕБОР, во висина од 11,2 милиони евра. М-НАВ ќе обезбеди за Унгарците нови радиостаници, со соодветни фреквенции, како и радарска слика од еден од нашите радари, а сето тоа на комерцијална основа

Македонската контрола на летањето (М-НАВ) доби и официјално барање од „Хунгарконтрол“ (унгарската воздухопловна навигација) за одржување состанок, на кој ќе се договорат потребите што треба да ги обезбеди М-НАВ, како помош на колегите од Унгарија, за веќе најавеното и дефинитивно деблокирање на воздушниот простор над Косово, кое е договорено со НАТО за 3 април идната година. Како што посочува Живко Попоски, претседател на УО на М-НАВ, практично од унгарската контрола на летањето е пристигнато барање со цел сет потребни активности што тие очекуваат секојдневно да им бидат обезбедени од страна на македонската контрола на летање. Унгарците ќе ги користат услугите на македонските колеги при контролата на косовскиот воздушен простор и управувањето на авиосообраќајот над косовското небо, што, пак, со НАТО беше првично договорено уште на крајот на 2011 година. - Во барањето што го добивме од „Хунгарконтрол“ како нивна потреба се наведени радиостаници, што треба да се набават како нови и со соодветни фреквенции, како и радарска слика од еден од нашите радари. Сето тоа, се разбира, ќе биде обезбедено од наша страна, во согласност со наведените позиции во нивното барање, и тоа на комерцијална основа - вели Попоски, пишува „Нова Македонија“. По предминатогодишниот повик на НАТО за делегирање на правото за водење на авиосообраќајот над Косово, на кој учествуваше и Македонија (заедно со Албанија, Италија и Унгарија, а го добија последните), се смета дека и соработката што ќе следува наскоро со Унгарците е голем поен за нашата држава, чија контрола на летањето ќе ѝ дава соодветна помош на унгарската воздухопловна навигација. Инаку, по деблокирањето на косовскиот воздушен простор ќе се отворат нови воздушни патишта над овој дел од Балканот, со пократки маршрути и без проблематичните заобиколувања на небото над Косово и без тесните грла што притоа се создаваа, правејќи проблеми при предавањето на авиосообраќајот од Македонија кон Србија и обратно.

Тоа, според процените во М-НАВ, ќе придонесе да се зголеми и бројот на авиопрелети над Македонија за околу 20-30 отсто, а за толку и приходите што државата ги остварува по таа основа. А тоа се околу 24.000 прелети повеќе годишно и дополнителни околу два до два и пол милиони евра, што со давањето на своите навигациски услуги ги остварува М-НАВ. Оттаму информираат дека последниве месеци конечно е запрен и трендот на опаѓање на авиопрелети над Република Македонија, па така, во мај, со опслужени 11.553 прелети на авиони, имало зголемување од 2 отсто, во јуни зголемување од 6,1 отсто, а за јули се очекува зголемувањето да се движи околу 2,5 отсто.

Со 11,2 милиони евра ќе се набават: нов систем за контрола на летање и нов радар со мод-С, нов систем за аудиокомуникација и друга опрема, која е неопходна за да се замени постојната, во согласност со потребите за обезбедување дополнителни функции значи за нив темата е сензитивна и ќе биде важна во иднина се наложени од „Еуроконтрол“, а и од новите законски и технолошки потреби.

Подготовката на тендерската документација за системот за контрола на летањето е во завршна фаза, а во собраниска процедура е и донесувањето на законот за задолжување. Потпишувањето на договорот со ЕБОР се очекува во почетокот на септември.

Слично

Поврзани вести