Конструктивен дијалог – најважен за Адеми!
За утре попладне е закажана втората средба на која ќе се сретнат претставници на МОН, УКИМ, и двата пленуми.
Денеска министерот Адеми за прв пат потенцираше дека е задоволен од разговорите а само пред неколку месеци не сакаше да оствари средба со студентиве.
Во врска со идејата и концептот за законот за високо образование тој денеска одговори дека најбитно е што веќе има конструктивен дијалог меѓу сите засегнати страни.
- Во овој момент не би сакал да навлегувам во суштината на концептот, затоа што тоа ќе треба да го подготват работните групи. За мене, како министер, и за Владата, е многу битно што веќе има конструктивен дијалог меѓу сите засегнати страни во високото образование, рече Адеми, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Програмата за соработка со хрватскиот министер за образование Ведран Морнар.
