Економија, финансии, бизнис

Контакт

Константин Битраков: Борбата на студентите против таканаречените реформи допрва почнува!

Константин Битраков: Борбата на студентите против таканаречените реформи допрва почнува!
Студентскиот пленум не отстапува од борбата против носењето на Законот за високо образование,  кој утре треба да се најде на Пленарна седница пред пратениците. Оттаму велат дека и покрај средбата со првиот човек на државата, претседателот Ѓорѓе Иванов,  нивните очекувања и стремежи се исти како и првиот ден откако Пленумот се формираше како автентично студентско движење - “не” за државниот испит и новиот предлог Закон. Константин Битраков од Студентскиот пленум, кој вчера беше еден од претставниците  на средбата со шефот на државата,  вели дека студентите ќе ги искористат сите правни механизми против владината реформа, која според нив, директно задира врз Универзитетската автономија и основните права на професорите и студентите. Студентите сега, смета Битраков,  се пообединети и посигурни во своите ставови и аргументи, имајќи ја во предвид брзината со која надлежните сакаат да ги донесат законските решенија. Тие не ја исклучуваат можноста за иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија, како заштитник на уставноста. Овој механизам, велат, прв ќе биде искористен во случај на донесување на законот. “Доколку Законот биде донесен, а веќе тоа станува се поизвесно, планираме да ги искористиме правните механизми и истиот да го оспориме пред Уставниот суд, кој  би требало, во духот на неговата улога да го штити уставниот поредок, да се произнесе негативно и да го укине таквиот Закон. Се надевам дека тоа ќе биде сторено”-потенцира Константин Битраков од Студентскиот пленум. Еланот за работа меѓу студентите, потенцира студентот по право, воопшто не е стивнат. Напротив, вели, се повеќе луѓе сакаат да бидат вклучени во Пленумот. Студентското незадоволство и борба, според него,  допрва ќе се види. “Верувам дека тоа ќе може и пошироката јавност да го види наскоро. Во основа ние не сме обесхрабрени од игнорантскиот однос на Власта и решителноста да се донесат законите,  туку чувството напротив, е дека борбата допрва започнува со тоа што независно од донесувањето на законот, ние ќе се обидуваме и натаму да застанеме во одбрана на нашите аргументи и ставови.Суверенитетот на државата оневозможува постоење на цврсти меѓународни механизми. Оние кои нам ни се достапни се пред се таканаречени меки мерки, односно ние на меѓународно рамниште можеме да се преземаме единствено чекори кои би довеле до политичко и дипломатско влијание на нашата власт. Европската унија, освен преку изјави на своите претставници и извештаи нема други методи на влијание, кои би значеле директно спречување некој закон да биде донесен. Можноста на употреба на овие механизми не е исклучена, меѓутоа ние сепак повеќе се надеваме дека чекорите кои ќе ги преземеме во рамки на нашата земја ќе вродат со плод”-додава Битраков. Студентскиот пленум се прегрупира!  Иако новите законски решенија се носат со брзо темпо, студентите будно ја следат состојбата. Велат, секојдневно се зголемува нивниот број и подршката која ја добиваат од своите колеги од другите универзитети. Деновиве,  ќе бидат се поактивни со нови отворени пленуми и состаноци на кои ќе ги дефинираат следните конкретни чекори. Не ја исклучуваат и можноста за нови протести и подршка на професорите во бојкот на наставата со кој ќе покажат дека знаењето, научно –истражувачката дејност и инвентивниот и креативниот начин на предавањата неможе да се оцени и заокружи. Студентите, според Битраков, не се против реформи во образованието, но сметаат дека тие мора да бидат спроведени врз база на соодветна анализа на состојбата и евалуација на резултатите од досегашниот образовен систем. Дополнително, според студентот,  зачудува фактот што многу брзо по професорскиот пленум беше формирана и Граѓанска иницијатива за подршка на реформите во високото образование. “Формирањето на таканаречениот „контра-пленум“ претставува изненадување за мене лично, меѓутоа, останува да бидат ислушани аргументите, па и одмерени. Во нашето општество, постои согласност дека реформи се прифатливи. Ние како Студентски пленум, сме против реформи кои ќе го нарушат уставниот поредок на Република Македонија, реформи кои се недоволно обсмислени и спорни во својата суштина”-нагласува Битраков. Средбата со претседателот Иванов-без конкретни заклучоци! Претседателот вчера ги ислуша аргументите кои беа презентирани од страна на Студентскиот но и Професорскиот пленум. Меѓутоа,од двата Пленуми велат дека  не добиле  конкретен индикатор кој би  навел на заклучок,  дали суспензивното вето ќе биде искористено како механизам или не. Претседателот им ветил дека аргументи ќе бидат разгледани, но без конкретен одговор дали ќе го потшише указот. Според Битраков, на средбата студентите  посочиле  зошто ја оценуваат  оваа мерка како мерка која ќе го наруши уставниот поредок и автономијата на универзитетот, говореле  за негирањето на универзитетската дејност, трансферот на моќ од универзитетот кон извршната власт кој за нив е недопустлив, номотехничките нелогичности и слабости на предлог-Законот, а во крајна линија апсурдноста на мерката.Но и покрај тежината на нивните аргументи, не добиле официјална потврда за одлуката на првиот човек на државата. “Кажавме дека со новите мерки студентите би биле подложени на полагање на десетици предмети, материја сочинета од илјадници страни во 180 минути. Нашата оцена е дека ваквиот државен испит ќе го пренасочи вниманието на студентите од материјата која би требало да ја изучуваат, кон фотографско меморирање на материјата од која ќе бидат црпени прашањата”-додава студентот по право. Средбата според него, покажува дека претседателот го легитимира Студентскиот пленум, како движење со огромна масивност, кое до сега од останатите претставници на власта беше девалвирано, односно движење на кое се придаваа атрибути кои се невистинити. “Од наша страна, беа претставени сите аргументи поради кои ние сме против мерката државен испит, кои веќе во низа случаи беа истакнати во јавноста, а срочени и во писма до Владата на Република Македонија и пратениците од Собранието. Тие аргументи се засновани на автономијата на универзитетите. Освен тоа што во предлог-концептот и во неколку изјави на претставниците на извршната власт беше  потенцирано дека таквата автономија ќе биде зачувана, не беа понудени никакви аргументи како тоа ќе биде сторено. Впрочем, такви аргументи не е ни возможно да се понудат, поради фактот што загрозувањето на уставно-загарантираната автономија е сосема јасно.”-вели  Константин Битраков. Досегашното делување на Пленумот, според  него,  докажало  дека студентите во Македонија се сосема свесни за своите права согласно правниот поредок во нашата земја и дека се способни да бидат носители на борбата за тие права. “Беа понудени цела низа на аргументи зошто државниот испит е противуставен во својата суштина, беа организирани маршови кои имаа широка поддршка, беше организирана и дебата. Дополнително, покрај студентите и значаен дел од факултетите го отфрлија концептот за државен испит. Меѓутоа, властите покрај тоа што останаа цврсто на ставот дека државен испит ќе биде спроведен, најавија и цела низа на други измени во рамките на образованието”-смета Константин Битраков. Власта вели тој, одбива да ја слушне сопствената младина, а начинот на кој овие измени се предложуваат и се носат, завршува, е несоодветен на една земја во која демократијата е установена како основна вредност. С.Б.
Слично

Поврзани вести