Консолидација на македонски начин: „Тетекс“ плати над 100.000 евра да купи и поништи 9,33 отсто од сопствените акции!
Сега на берзата „Тетекс“ објави дека купи и ќе поништи 3,2 отсто од своите акции и ова е второ поништување сопствени акции од 2012 година наваму. Во овие два наврати акционери на „Тетекс“ одобрија да се потрошат над 100.000 евра компаниски пари и со нив да купат акции кои сега ги поништија. Според познавачите единствена цел за овој легален, но етички дискутабилен маневар, е преку намалување на целиот број акции да се зголеми сопственото учество во акционерската структура!
„Тетекс“, напозната, најстара и најголемата домашна текстилна компанија, потроши над 5 милиони денари сопствени средства за да купи 13.813 сопствени акции со право на глас кои сега ги поништи. Ова е официјална одлука на акционери на таа компанија и ќе биде спроведена сега по објавата на Македонската берза за хартии од вредност. Ова е второ поништување на акции со право на глас во „Тетекс“ во период од две години. Во овој период во два наврати „Тетекс“ потроши, според неофицијални проценки, повеќе од 100.000 евра за да купи и поништи 42.616 сопствени акции со право на глас!
Со последното поништување акции кое се реализира сега, а беше одлучено за тоа на акционерско собрание лани во септември, компанијата ќе има вкупно 414.171 акција со право на глас. Ова е 9,33 отсто помалку акции со право на глас во споредба со есента 2012 година кога некогашниот текстител гигант имаше 9,33 отсто акции повеќе односно вкупно 456.787 акции со право на глас.
Во акционерската структура на „Тетекс“ најголем поединечен акционер е Глигорие Гоговски, познат македонски стопанственик и последен претседател на последната влада на Социјалистичка Република Македонија. Тетовецот Гоговски кој е и извршен директор на „Тетекс“ поседува 12,14 отсто од сите акции е еден од 1.286 домашни физички лица кои заедно поседуваат 90 отсто од сите акции со право на глас во „Тетекс“.
Одлуката за ова поништување акции е донесена до двотретинско мнозинство од присутните членови на акционерското собрание на „Тетекс“. Тоа значи дека во најминимални услови, во септември лани, потребна била согласност на дветретини од акционерите кои поседуваат половина од акциите во компанијата. Тие одлучиле дека може да се поништат акции во кои компанијата инвестирала безмалку 100.000 евра.
Колку другите акционери знаат за ова и дали би се согласиле со оваа одлука не може да се каже. Уште еднаш, за жал, нашиот Закон за трговски друштва не води сметка за правата на малите акционери физички лица до таа мера да тие мора да бидат макра и информирани за намерите на мнозинството акционери. Иако дел од тие пари со кои се купени и потоа поништени акциите се и нивни и можеле наместо за акции да бидат поделени и за дивиденда.
Од новонастанатата ситуација математички и теоертски и стратешки најголема корист има лично Глигорие Гогорвски. Дури и да не гласал за оваа одлука. Затоа што со намалување на вкупниот број на акции со право на глас расте учеството на неговите акции во целата акционерска структура иако расте учеството истопропорционално и на сите други акционери. Но неговата позиција е најпривилегирана од проста причина што тој е најголем поединечен акционер.
Најстариот и најреномиран текстилен комбинат „Тетекс“ за првите девет месеци годинава има приходи од вложувања, камати и заеми во износ од 3 милиони евра (184,9 милиони денари). Ова е најфасцинантната ставка во извештајот на текстилниот гигант чии приходи од основната дејност се пониски од неговите финансиски приходи остварени од камати, вложувања, заеми и курсни разлики.
Слично
