КОНГРЕС НА ДПА: Враќање во Парламентот или лидерска битка Тачи-Села?
Демократската партија на Албанците (ДПА) во Тетово денеска го одржува својот 6-ти конгрес. Се очекува главна тема да бидат напорите на Мендух Тачи да ја задржи лидерската позиција, особено по најавите на струшкиот градоначалник Зијадин Села дека има намера да го предводи „Движењето за внатрешни реформи во ДПА“.
Мотото на Конгресот е „Одиме напред“. Села, пак, го нарекува највисокиот партиски собир на ДПА „приватна забава на Тачи и Орхан Ибраими“. Мендух Тачи и неговите соработници ги отфрлаат обвинувањата од нивните политички ривали, за кои велат дека не се „Движење на реформатори“, туку „Движење на злобните со маргинална улога и влијание во ДПА“. Раководството на ДПА го обвинува Села за коруптивни афери и непотизам во струшката локална самоуправа.
Сепак, Села нема директно да му се спротивстави на Тачи на Конгресот. Актуелниот лидер на ДПА е единствен кандидат да продолжи да ја извршува оваа функција. На најголемиот партиски собир ќе присуствуваат 683 делегати, кои треба да го изберат новото партиско раководство во кое сепак се очекуваат одредени промени со оглед на незадоволителните резултати на ДПА на последните предвремени парламентарни избори.
По денешниот конгрес, се очекува и враќање на пратениците на ДПА во Собранието, како што беше најавено минатата недела.Со ова тие треба да го прекинат двомесечниот бојкот.
Слично
