Економија, финансии, бизнис

Контакт

Конференција за Рамковниот договор потпишан пред 15 години

Конференција за Рамковниот договор потпишан пред 15 години

Се навршуваат 15 години од потпишувањето на Рамковниот договор кој стави крај на воениот конфликт во 2001 година.

По тој повод Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор денеска на Попова Шапка ќе организира конференција на тема „Охридски договор – предизвик и гаранција за интеграција”.

Форумот ќе го отвори вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Фестим Халили, а пред присутните ќе говори и Питер Фејт кој учествуваше во разговорите од 2001, а доаѓа како претставник на Европскиот институт за мир. Тој заедно со Секретаријатот ја подготви анализата за Охридскиот рамковен договор. Поканети се претставници на дипломатскиот кор, на политичките партии, експерти, универзитетски професори и други гости.

Преговорите, започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13. август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски и на ДПА, Арбен Џафери.

Потписници на договорот беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Преговорите за Охридскиот рамковен договор почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Вилата „Билјана“ во Охрид во јули и во август 2001 година. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

Договорот овозможи поголеми права за помалите етнички заедници во Македонија.

Слично

Поврзани вести