Кому му припадна Нобеловата награда за економија?
Британецот Оливер Харт и Финецот Бенгт Холмстром се добитници на Нобеловата награда за економија за 2016 година.
Оваа престижна награда ја добија поради нивниот придонес кон теоријата на договор.
Модерната теорија се состои од неброено многу договори. Новите теоретски алатки креирани од Харт и Холмстром се вредни за разбирање на договорите во реалниот живот и за институциите, како и за потенцијалните стапици во изготвувањето договори.Холмстром вели дека е многу изненаден од наградата, но многу среќен.
„Теоријата на договори подразбира дека каков и договор да пишувате секогаш треба да мислите на другите инволвирани страни. Мора да се гледа многу пошироко на тоа отколку само од гледна точка на акционерот. Мора да мислите на сите други страни кои се инволвирани“ - изјави Холмстром.
Холмстром е роден во Хелсинки, Финска, во 1949 година, а работи на Технолошкиот институт Масачусетс, САД.
Харт е роден во Лондон, во 1948 година, а работи на Универзитетот Харвард, во истата држава во САД.
Нобеловата награда од осум милиони шведски круни или 928.000 долари ќе ја поделат двајцата лауреати, а наградата ќе им биде врачена на 10 декември во Стокхолм, Шведска.
Минатата недела беа доделени наградитре за мир, физика, хемија, и медицина. Последната награда за литература ќе биде доделена на 13 октомври.
Слично
